1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воспоставување на загубениот контакт пратеник-граѓанин

Свето Тоевски18 декември 2007

Од септември годинава, со проектот на Националниот демократски институт во соработка со Собранието на РМ, во повеке градови и општини во земјата веќе се отворени 20 центри за комуникација на пратениците со граѓаните

https://p.dw.com/p/Cd64
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Националниот демократски институт во соработка со парламентот и општина Гостивар, во овој град отвори четири канцеларии за поблиска комуникација на сите седум пратеници од регионот од сите застапени партии. Ова е проект што се реализира под мотото „Вашиот пратеник – поблиску од кога и да е“, со финансиска поддршка на Агенцијата за соработка и развој на швајцарската Влада.

Крис Хеншоу, директорот на Националниот демократски институт за Македонија, нагласи: „До Нова година ќе бидат отворени 65 вакви канцеларии во цела Македонија“.

По изборите се губи контактот на пратениците со граѓаните

Политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети за Дојче Веле со став: „За жал, кај нас комуникацијата меѓу граѓаните и пратениците исчезнува многу бргу по изборите. Тоа се согледува според анкетите и анализите што се прават околу тоа колку се популарни пратениците кај граѓаните и колку тие ги чувствуваат како свои вистински претставници, така што тоа претставува проблем, навистина. Сите анкети,што се објавуваа во изминатиот период, покажуваат дека тој контакт не се добар и оти довербата се губи “.

Зошто граѓаните од Гостивар, но и пошироко во земјата, не чувствуваат дека се нивните пратеници доволно блиски до нив? Ги запрашавме двајца пратеници - Кенан Хасип, од Демократската партија на Турците: „Обично, поголемиот дел од пратениците се придржуваат до програмата и ставовите на Владата околу спроведувањето на реформските процеси и, за жал, во тој дел интересите на граѓаните понекогаш остануваат на втор план “ ; Дарко Димитриески е гостиварски пратеник од ВМРО ДПМНЕ: „Од сега граѓаните на Гостивар ќе можат своите проблеми поконкретно да му ги искажуваат на пратеникот во својот град, а понатаму оние проблеми со тие се судруваат тој ќе може да ги пренесе во институциите. “

Владата подготвува закон за поплаки и претставки на граѓаните

Токму заради доближување до граѓаните не само на претставниците на законодавната власт, туку и на институциите на системот на воопшто, Владата го промовираше пред неколку дена својот предлог – закон за претставки и поплаки од страна на граѓаните. Министерот за правда Михајло Маневски за Дојче Веле изјави: „Јас мислам дека не постоеше доволен однос, оти немаше ангажиран однос на институциите кон поплаките. Сега законот создава обврски граѓанинот да биде известен во рок од 15 дена, а во посложените случаи во рок од 30 дена. Но тоа не се правеше досега, не се известуваа граѓаните ниту за еден, два, три и повеќе месеци, што не е допуштено “.

Пратеничките канцеларии за комуникација со граѓаните во Гостивар ќе бидат отворени пет часа дневно и пет дена во текот на неделата. Ова е долгорочен проект, кој ќе биде преземен финансиски од први септември наредната година од Парламентот, со предвидена ставка во буџетот за таа намена.