1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Востаниците, чекор по чекор, ја освојуваат Либија

25 февруари 2011

Антивладините бунтовници во Либија денеска под сопствена контрола ставија уште еден град во земјата. Владините трупи во Триполи пукаат врз демонстранти. Советот за безбедност на ОН на итна седница ќе одлучува за санкции

https://p.dw.com/p/10PVD
Фотографија: AP

Приморскиот град Завија се наоѓа на само 50 километри од главниот град Триполи кој се’ уште е под контрола на трупите лојални на лидерот Моамер ел Гадафи. Тој вчера беше нападнат од либиските безбедносни трупи, кои денеска меѓутоа целосно се повлекле од градот. Контролата над Завија е во рацете на бунтовниците, кои веќе имаат контрола над повеќе поголеми градови на истокот на земјата, вклучително и вториот и третиот град по големина, Бенгази и Мисрата.

Соработниците на Гадафи го напуштаат бродот што тоне

Се уште не е јасен начинот на раководење со завземените места од страна на антивладините сили, меѓутоа има малку знаци за присуство на исламисти меѓу адвокатите, лекарите, племенските старешини и дезертираните армиски офицери кои формираа комитети за цивилна заштита и одржување на редот во овие градови. Има и други знаци дека влијанието на владата во Триполи се топи. Имено главниот обвинител во земјата Абдул Рахман ал Абар е последниот висок функционер кој поднесе оставка и и’ се приклучи на опозицијата. Оставки денеска поднесоа и либиските амбасадори во Франција и во УНЕСКО.

Во меѓувреме либиското раководство го направи првиот практичен обид да ја придобие поддршката на граѓаните од почетокот на бунтот. Либиската државна телевизија најави дека владата ги зголемува платите и додатоците за храна.

China Libyen Evakuierung
Странците масовно бегаат од ЛибијаФотографија: AP

Со оглед на продолжувањето на примената на сила против демонстрантите во Либија, западните земји го зголемуваат притисокот врз либискиот лидер Гадафи. За денеска е закажана нова итна седница на Советот за безбедност на ОН, на која ќе се разговара за санкции против либиското раководство, бидејќи тоа не одговори на претходниот апел на Светската организација за прекин на насилството врз демонстрантите. Предлог резолуцијата за санкции заеднички до членките на Советот ја поднесоа Велика Британија и Франција.

И НАТО сега се вклучува во либиската криза

„Свикав итна средба во на Советот на амбасадорите на амбасадори на 28 земји членки на Алијансата во Брисел на кој ќе се консултираме за драматичниот развој на ситуацијата во Либија“, најави генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.

Владите на бројни земји во меѓувреме главно се фокусирани на евакуирање на илјадници нивни граѓани заробени во Либија, во која беснее народен бунт.

Автор: СН/афп/ројтерс

Редактор: Борис Георгиевски