1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна за контрола врз Јужна Осетија?

Агенции / З. Јордановски8 август 2008

Опасна ескалација на конфликтот околу регионот Јужна Осетија. Офанзива на грузиските сили. Рускиот премиер Путин најавува одмазда, а грузискиот претседател Сакашвили нареди генерална мобилизација. Загриженост во светот.

https://p.dw.com/p/Esoi
Офанзива на грузиските трупи во Јужна ОсетијаФотографија: picture-alliance/dpa

Во Јужна Осетија веќе цела недела се водат тешки борби меѓу грузиските трупи и кон Русија ориентираните сепаратисти. Само во текот на изминатата ноќ, според информации во медиумите, загинале најмалку 15 лица. Борби се водат и во центарот на Чинвали, главен град на Јужна Осетија. Според грузиската страна, од почетокот на офанзивата на владините трупи три руски авиони навлегле во воздушниот простор и бомбардирале цели во Грузија, при што биле повредени повеќе луѓе. Ова беше демантирано од Москва.

Грузискиот претседател Михаил Сакашвили прогласи целосна мобилизација во земјата, на која - како што рече - и’ претстои воена интервенција од големи размери. Тој рече дека голем дел од Јужна Осетија бил ослободен и побара од Русија да ги запре бомбардирањата. Истовремено изутрината во акција во Јужна Осетија се и грузиски борбени авиони. Премиерот Ладо Гургенидзе најави дека земјата презема мерки за спречување на уфрлување „руски платеници“.


Русија „нема да ги остави на цедило своите сонародници“


Русија, пак, тврди дека во грузиски артилериски напад врз касарна на мировните трупи во Чинвали, биле убиени повеќемина руски војници. Премиерот на Русија Владимир Путин ги осуди „агресивните акции“ на Грузија и најави одмазда. Русија е принудена да реагира, рече Путин во Пекинг, искажувајќи жалење што Грузија на еден ден пред олимпијадата започнала борби во Јужна Осетија.

Претседателот на рускиот парламент Борис Гризлов најави дека раководството во Москва нема да ги остави на цедило своите сонародници во Јужна Осетија. Русија ќе ги преземе сите чекори што се неопходни за тоа и ќе ја гарантира безбедноста на својата јужна граница, рече Гризлов.

Јужна Осетија е де факто независна откако по војна во 1990-та се отцепи од Грузија. Два пати - во 1992-ра и 2006-та година жителите се изјаснија за независност од Грузија. Но, референдумите не се меѓународно признаени и регионот се смета за дел од Грузија, која сличен проблем има и со регионот Абхазија.


Загриженост во светот, барања за прекин на борбите и враќање кон преговори


Советот за безбедност на ОН на вонредна седница побарана од Русија не успеа да постигне согласност околу заедничка изјава. Текстот поднесен од Русија, со кој се бара „неодложно запирање на крвопролевањето“ и „враќање на преговори“ не наишол на согласност, па Советот можеше само да искаже загриженост поради ескалацијата на Конфликтот.

ЕУ е „многу вознемирена“ порадии „драматичниот развој“ на ситуацијата, е речено во Брисел. Унијата е во контакт со сите страни во конфликтот и внимателно го следи развојот. Во тек се консултации со француското претседателство, како и со ОБСЕ. ЕУ го повтори вчерашниот апел на својот претставник за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана до сите страни во конфликтот за неодложно запирање на насилствата.

Американската влада побара „веднаш да им се стави крај“ на борбените дејствија и да се бара решение преку преговори. Со исти барања реагираа и НАТО и Советот на Европа.

►◄