1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна против талибанците и опиумот

14 февруари 2010

Во Авганистан е во тек најголемата воена операција против талибанците од окупацијата на земјата пред неполни 9 години. Главна цел на операцијата е градот Марџа, кој се смета за центар на трговијата со опиум.

https://p.dw.com/p/M0st
Американски војници во операцијата „Муштарак“Фотографија: AP

Во операцијата „Муштарак“ во покраината Хелманд против талибанците тргна голема воена сила од околу 15 илјади американски, британски и авганистански војници. Иако вообичаено, времето и местото на нападите се строго чувана тајна, овојпат не беше така. Со денови наназад, 125-те илјади жители на градот беа информирани за нападот за да имаат доволно време за подготовка, или бегство.

Наводно, голем дел од нив тоа и го сториле, но не е познато колку талибански борци останале во градот, кој се наоѓа на границата со Пакистан.

Според проценките на американските команданти на теренот, и покрај првичните успеси, на сојузничките сили ќе им требаат повеќе недели за целосно да го заземат градот и да го исчистат од талибанците. Сојузничките сили релативно брзо, само 24 часа по почетокот на операцијата, успеаја да освојат поголем дел од градот, но борбите се‘ уште траат, а според репортерите на теренот, постојано се слушаат пукотници и експлозии.

Afghanistan / Offensive / Mardscha
Американски војници набљудуваат експлозија во МарџаФотографија: AP

Хелманд-рај за опиумот

Целта на операцијата не е само ставање крај на владеењето на талибанците, туку, многу поважно, прекин на производството на опиум во покраината. Се проценува дека на тоа подрачје се одгледува афион на површина од 123 илјади хектари, што е во самиот светски врв.

Во изминатите години, производството на опиум во Авганистан делумно опадна, но тоа повеќе се должи на лошите временски услови, отколку на реакциите на сојузниците. Главното место за трговија е токму градот Марџа, од каде дрогата оди на југ кон Пакистан, или на север, преку поранешните советски републики. Освојувањето на Марџа ќе ја запре трговијата и ќе им ги намали приходите на талибанците. Сепак, би било преоптимистички да се прогнозира дека успехот на оваа операција ќе му стави крај на одгледувањето опиум, од едноставна причина што дури и тамошните земјоделци да сакаат да одгледуваат нешто друго, никогаш нема да заработат толку, колку што заработуваат од дрогата. А секако нема да најдат ниту толку муштерии.

Автор: БГ/ЕМФ//дпа/афп