1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војници ќе ги чуваат Германците од терористи?

Нина Веркхојзер/Ж.А.6 август 2016

Бундесверот и полицијата планираат заеднички вежби за антитерористички ангажман. Критичарите предупредуваат дека војската не е задолжена за внатрешната безбедност, дека е тоа исклучива надлежност на полицијата.

https://p.dw.com/p/1JaEt
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Hollemann

Ангажман на Бундесверот во помош на полицијата доаѓа во предвид само во вонредни прилики, односно во случај на голем терористички напад во Германија, евентуално на повеќе места истовремено, барем така планира германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен. Уставна можност постои, иако всушност за внатрешната безбедност е надлежна само полицијата. Досега никогаш не било разгледувана можност за заедничка акција на полицијата и Бундесверот од аспект на терористичко сценарио. Ангажманот на Бундесверот во земјата беше исклучително во вонредни случаи, првенствено како помош при природни катастрофи.

Вежби за вонреден случај

Со оглед на најновите напади во Германија и во соседна Франција, терористичкото сценарио се повеќе се наметнува во прв план: Министерството за одбрана и полицијата од повеќе германски покраини планираат први заеднички „државни вежби“ на полицијата и војската. „Во вонреден случај, мора да постои интервентен синџир“, изјави фон дер Лајен во едно интервју. Подобро е да постои подготовка за стравично терористичко сценарио, отколку отпосле да се слушаат критики зошто тоа не е направено.

Германската канцеларка Ангела Меркел има исто мислење: „Време е за вежби со вклучување на Бундесверот во од полицијата раководени акции во случај на терористички напад, што е можно според важечките уставни одредби“, изјави таа на летната прес-конференција минатата недела.

Schießerei in München
Јакнење на внатрешната сигурност е можно со зајакнување на полицијата, смета и полицискиот синдикатФотографија: picture-alliance/dpa/M. Balk

Само при катастрофи

Покраинските министри за внатрешни работи на својата следна конференција ќе решаваат за видот на заедничките вежби и каде тие ќе се вршат. Посебен интерес за вежби со Бундесверот веќе пројавија три покраини - Сарланд, Саксонија Анхалт и Баден Виртемберг.

Со членот 35 од Уставот, кој се однесува на т.н. „службена и помош при катастрофа“, е регулирано дека во вонреден случај полицијата донесува одлука за што ќе го ангажира Бундесверот, при што таа ја има командата. Според Уставот, и одделна покраина или сојузната влада при природна катастрофа или „несреќен случај од посебни размери“ исто така може да побара поддршка од војската.

„Тоа е задача на полицијата“

Социјалдемократската партија повеќепати се спротистави на овие планови. Експертот за одбрана од СПД Рајнер Арнолд стравува дека коалициониот партнер ЦДУ/ЦСУ ќе го симне прагот за ангажман на Бундесверот во внатрешната безбедност. Според Арнолд, Министерството за одбрана за време на повеќекратното убиство во Минхен сосем непотребно ставило во борбена готовност локална единица на воената полиција. Социјалдемократите темата сакат да ја дискутираат во Комисијата на Бундестагот за одбрана.

Ако во Германија има зголемена потреба од полиција, потребно е нејзино бројчано јакнење, истакнува копретседателот на Зелените, Чем Оздемир. Дискусијата околу ангажман на Бундесверот во внатрешната безбедност тој ја толкува како искажување недоверба кон полицијата. Кратко по нападите во Вирцбург и во Ансбах, баварската покраинска влада реши да вработи дополнително 2000 полицајци во следните години.

И Левицата од Урсула фон дер Лајен бара да се дистанцира од своите планови. Министерката треба да „прекине со демонтирањето на уставните принципи“, изјави Ула Јелпке, портпарол на Левицата за внатрешно-политички прашања. „Линијата на разграничување меѓу задачите на полицијата и на Бундесверот, запишана во Уставот, не треба натамошно да се брише“, истакна таа.