1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Авганистан се грабнати четворица македонски државјани

Александар Чомовски13 март 2006

Македонското МНР ја потврди веста за грабнувањето

https://p.dw.com/p/Ac89
Авганистан
АвганистанФотографија: AP

Еден скопјанец и тројца тетовчани се заложници на Талибанците во Авганистан. Албанците имаат македонско државјанство и се во раце на екстремна група, која оперира во областа на Кандахар. Таа ниту побарала преговори, ниту прифаќа дијалог, велат македонски разузнавачки извори, повикувајќи се на пријателски служби. Македонското министерство за надворешни работи дури денеска, два дена по киднапирањето на четворицата македонски државјани го потврди инцидентот во Кандахар. Денеска претпладне е испратена нота до амбасадата на Авганистан во Софија. Немаме никакви други информации за нивната судбина, велат во македонското МНР. Иако на министерството му се познати имињата на киднапираните македонски државјани, тие не се соопштуваат од безбедносни причини. Четворицата државјани на Македонија биле дел од вработените во фирмата “Еколог“ , германска фирма, која ги опслужува мултинационалните сили во Авганистан и Ирак. Неодамна, во Басра, Ирак, беа киднапирани тројца тетовчани. Откако компанијата “Еколог“ ги платила обештетувањата, тројцата млади Албанци, кои работеле во кампот на Британците, беа ослободени и сеуште се наоѓаат на одмор во Тетово. Тие при пристигнувањето во Македонија најавија дека сепак ќе се вратат во Ирак. Македонските власти не располагаат со точен број македонски државјани, кои се регрутираат за работа во кризните подрачја во Ирак и Авганистан. Министерството за надворешни работи потсетува дека за македонските државјани е опасно да работат во тие земји иако добрите заработувачки се примамливи. Пред две години, во Ирак беа егзекутирани тројца кумановчани, откако беа грабнати од страна на тамошните радикални исламистички групи.