1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во авионот со Навални

Елена Барушева
19 јануари 2021

Алексеј Навални се врати од Берлин во Москва со авион на руската авиокомпанија Победа. За време на летот се случија чудни работи. Новинар на ДВ беше во авионот.

https://p.dw.com/p/3o7BA
Deutschland Berlin | Rückflug Alexej Nawalny
Фотографија: Mstyslav Chernov/AP Photo/picture alliance

Летот Берлин-Москва на 17 јануари се одвиваше секако, само не нормално. Уште на чекирањето околу 100 луѓе чекаа на влезот на Терминалот 5 на аеродромот Берлин-Бранденбург да се збогуваат со Алексеј Навални, кој се враќаше во Москва откако помина неколку месеци во Германија. Тоа беа главно новинари од целиот свет, но имаше и активисти со транспаренти. На еден од транспарентите пишуваше „Деновите на диктатурата завршија“, други пак повикуваа за слобода на Русија. Но, оние што чекаа воопшто не го видоа Навални. Опозицискиот политичар беше однесен директно до главниот излез.

Deutschland Berlin | Rückflug Alexej Nawalny
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Изненадувања во авионот

Бројни полициски возила беа паркирани пред авионот. Но, патниците повеќе беа зачудени од бројните камери и фоторепортери. Многу луѓе се прашуваа кое истакнато лице ќе лета со нив.

Кога авионот веќе беше полн, но Навални сè уште не беше влезен, еден млад човек започна да ги навредува стјуардесите и сопатниците. Конечно беше изнесен од авионот без отпор, но продолжи да дивее и да ја нарекува целата ситуација „апсурден театар“. По овој инцидент, Алексеј Навални влезе во авионот со својата сопруга Јулија.

Повеќе:

-Навални - сам против надмоќта

-Германија бара итно ослободување на Навални

-Москва со ултиматум до Навални

Некои од патници беа видно изненадени, други аплаудираа, фотоапаратите кликаа. Неколку силни луѓе кои го придружуваа политичарот ја прегледаа кабината.

Навални мораше да се избори да стигне до своето место со бројот 13,  за кој рече дека „носи среќа“. По околу десет минути тој ја мина толпата новинари. Навални само им се заблагодари кусо за нивното доаѓање. На прашањето на ДВ дали ќе го уапсат во Москва, тој одговори: „Да ме уапсат? Тоа е невозможно!"

Прес-конференција во авионот

Знаците за врзување на појасот по полетувањето штотуку се изгаснаа, а репортерите веќе трчаа накај Навални. Пилотот конечно мораше да ги повика да го почитуваат редот, по што некои се вратија на своите места. Некои патници имаа разбирање. „Добро сме и убаво е што Навални преживеа, што е безбеден и здрав и лета со нас за Москва. Не ни е сеедно за неговата судбина. Авионот ќе го издржи ова", ни изјави еден млад човек .

Кога пилотот објави дека, од технички причини, авионот нема да слета на Москва-Внуково, како што првично беше планирано, туку ќе биде пренасочен на аеродромот Шереметјево, имаше аплаузи и овации. Многу патници изјавија дека ова „не е случајно“. Авионот е намерно насочен кон друг аеродром каде што нема митинг.

Што се случуваше во меѓувреме во Внуково?

Многу луѓе сакаа на аеродромот лично да го пречекаат шефот на Фондот за борба против корупција (ФБК), Алексеј Навални. Речиси 10.000 учесници се пријавија само на официјалната веб-страница за овој настан, што го планираа соработниците на Навални во Москва. Обвинителството веднаш предупреди да не се учествува во неодобрени настани. А, аеродромот Внуково не им издаде на новинарите дозволи за снимање.

Russland Moskau | Flughafen Vnukovo | erwarteter Rückflug Alexej Nawalny
Фотографија: REUTERS

Според проценките на „Белиот шалтер“, некомерцијално руско здружение на волонтери кое ги пребројува учесниците на митинзи и маршеви, околу 2.000 луѓе дошле во Внуково - не само од Москва, туку и од други региони на земјата. Некои активисти на Навални не можеа да стигнат ниту до главниот град, тие беа уапсени во возовите.

Авионот се очекуваше да слета во Москва околи 19 часот. Ден претходно, транспортер за затвореници стоеше подготвен пред зградата на аеродромот. На денот на пристигнувањето, пристапот до терминалите беше ограничен, а можеше да се помине само со валидна карта за летање. Неколку лица, вклучувајќи го и писателот Дмитриј Биков, за ДВ изјавија дека спеацијално за ова, купиле евтини авиобилети.

Навални или Бусова - постои разлика

„Ова е историски момент. Навални се враќа во Русија по труењето и долгото закрепнување. Дојдов да го поддржам", рече Руслан Шавединов, вработен во Фондот за борба против корупцијата, основан од Навални. Руските власти со денови ширеа пропаганда дека не е дозволено да се дочека Навални на аеродромот. „Но, сите сме тука и сè се одвива тивко и мирно“, рече Шавединов само неколку минути пред да бидат уапсени тој и активистите Константин Котов и Љубов Собол. Братот на Навални, Олег, кој седеше покрај приведените, носејќи заштитна маска, полицијата го остави на мира. Очигледно тие не го препознаа.

Се појавија специјалци и уапсија други лица. Некои од уапсените скандираа и носеа транспаренти, други беа однесени без очигледна причина. Според ОВД-Инфо, независен медиумски проект што фрла светлина врз кршењето на човековите права и на политичкиот прогон во Русија, 55 лица се уапсени во Внуково, вклучително и со насилство. Едно лице здоби повреда на окото.

Kremlgegner Nawalny will nach Russland zurückkehren
Фотографија: Dmitry Serebryakov/AP/dpa/picture alliance

Група тинејџери, кои исто така чекаа на аеродромот, сепак останаа нечепнати. Тоа беа обожаватели на ТВ-водителката и пејачка Олга Бусова, која се очекуваше да пристигне од Санкт Петербург. Полицијата не презеде ништо против младите или нивните транспаренти. Бусова подоцна рече дека само „три лица“ знаеле за нејзиното доаѓање.

Активистите само неколку минути пред планираното слетување дознаа дека Навални воопшто нема да слета во Внуково. Авионот, чиј курс се следеше на интернет, одеднаш се сврте кон север и леташе кон аеродромот Шереметјево.

Како беше уапсен Навални

Веднаш по напуштањето на авионот, Навални одржа импровизирана прес-конференција во зградата на аеродромот. „Многу сум среќен што пристигнав овде“, рече тој пред осветлениот постер на кој се гледаше Кремљ. „Ова е мојот најдобар ден во изминатите пет месеци, иако Германија е одлична земја. Ова е мојот дом. Не се плашам затоа што знам дека сум во право. Кривичната постапка против мене е фабрикувана".

Russland Moskau Alexej Nawalny in der Polizeistation
Фотографија: Kira Yarmysh/dpa/picture alliance

Всушност, на почетокот се чинеше дека Навални воопшто нема да биде уапсен. Но, веднаш по пасошката контрола, кога тој официјално влезе на руско тло, политичарот беше опколен од полицајци и однесен во затворена просторија. Руските затворски власти подоцна објавија дека тој бил уапсен за „повеќекратни повреди на условната слобода“. Пред да го одведат Навални, тој беше во можност кратко да се прости од сопругата Јулија.

Во понеделникот, тој беше осуден на 30 дена затвор за кршење на условите за пријавување, изречени во рамките на претходната условна казна, додека престојуваше во Германија.

Адаптација од руски јазик: Маркијан Остапчук