1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Албанија се исцртува промена на власта

5 јули 2005

Опозиционата Демократска партија на Сали Бериша, според привремените и неофицијални резултати, победила во 53 од вкупно 100-те изборни единици.

https://p.dw.com/p/AcEG
Изборен плакат со ликот на Сали Бериша
Изборен плакат со ликот на Сали БеришаФотографија: AP

Но, владеачките социјалисти на Фатос Нано и понатаму не се предаваат и предупредуваат оти мора да се сочека пребројувањето на сите ливчиња, бидејќи во Албанија е на сила мешовит изборен систем.

Лидерот на опозицијата, Сали Бериша, денеска изјави дека привремените резултати што доаѓаат од Изборната комисија се‘ повеќе зборуваат во полза на победата на неговата Демократска партија. Илјадници негови приврзаници уште ноќеска славеа пред партиската централа и на улиците на главниот град Тирана. Германската новинска агенција ДПА рано попладнево објави и портрет на Бериша, кого го спомнува и како прв некомунистички претсдател на Албанија по пресвртот. Таа потсетува и на неговите изборни ветувања за борба против корупцијата, за намалување на невработеноста, пониски даночни стапки и реформа во образовниот и здравствениот систем.

Социјалистите на актуелниот премиер Фатос Нано, кои според непотполните и неофицијални резултати освоија само 35 директни места во Парламентот, меѓутоа инсистираат да се причекаат конечните резултати, со оглед на фактот дека има и поголем број регистрирани неправилности, што можат да влијаат врз односот на силите во идниот парламент. Конечниот резултат се очекува до вечер или можеби дури утре, иако според планот тие требаше да бидат познати уште вчера.

Претставниците на ОБСЕ оценија дека во споредба со сите досегашни избори во Албанија, овие се најдемократски и најфер, но истовремено нагласуваат дека имало поголеми организациони проблеми, како и извештаи за неправилности, што сепак го засениле угледот на изборниот процес. Најтешкиот инцидент на денот на изборите беше убиството на еден помошник на изборно место во Тирана. Вчера, пак, на протестите против предвременото прогласување победа на опозицијата во градот Лушје, на југот од земјата, животот го загубија две лица, под за сега неразјаснети околности.

И претставникот на ЕУ во Албанија, Мортен Остерград, оцени дека властите пропуштиле да преземат битни мерки за спречување на нерегуларности во изборниот процес. Така имало групно гласање во руралните средини, избирачките списоци биле нецелосни, не сите гласачи располагале со важечки документи за идентификација при гласањето итн. Високиот претставник на ЕУ, Хавиер Солана побара да бидат испитани сите неправилности, со цел да не се повторат во иднина. А високи претставници на Советот на Европа побараа итни реформи на албанскиот изборен систем.

Неделните парламентарни избори во Албанија се сметаа како важен испит за зрелоста на демократијата, со оглед на аспирациите на земјата да пристапи кон НАТО и да воспостави потесни врски со ЕУ.