1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Битола официјално е отворена канцеларија за врски на Грција

Златка Пурковиќ8 март 2006

По 80 години, во Битола и официјално е отворена канцеларија за конзуларни, економски и трговски врски на Грција. Конзулатот е мост за пријателство и соработка, консататираа двајцата заменици министри за надворешни работи, на Грција и Македонија, Еврипидис Стилијанидис и Фуад Хасановиќ.

https://p.dw.com/p/Ades
Карта на Грција
Карта на ГрцијаФотографија: AP

Република Грција во Македонија има вложено над 800 милиони евра, а македонско-грчката граница, кај Меџитлија, месечно ја поминуваат над 45 илјади луѓе. Границите каде се движат луѓето и трговијата не ја поминуваат војските, рече заменикот министер за надворешни работи на Грција, Еврипидис Стилијанидис. Отворајќи го и официјално грчкото конзуларно претставништво во Битола, тој верува дека колку повеќе ќе се зацрвстуваат врските меѓу населението, ќе се зацврстуваат и односите меѓу државите. Министерствто за надворешни работи ќе направи се за уште повеќе да ги развие овие односи и врски, рече Стилијанидис:

“Ова е еден мост меѓу државите, економијата и народите. Се надеваме дека конзуларното претставништво ќе ги олесни односите и ќе ги зацврсти напорите што ги вложува Грција за да може да помогне на овој дел на Западниот Балкан да влезе во големата фамилија на ЕУ.“

И за заменикот министер за надворешни работи на Македонија, Фуад Хасановиќ, ова е мост за натамошно градење на пријателството меѓу двете земји:

“Граѓаните на нашата земја можат да ги почувствуваат бенефитите што Република Македонија ќе ги почувствува при нејзиното идно полноправно членство во ЕУ. Овде граѓаните на Република Грција можат да почувствуваат дека се прво граѓани на овој регион, дека овде е основата на градењето на односите меѓу двата народи. “

Преку конзуларното претставништво, кое неофицијално постои овие три месеци во Битола, досега се издадени петипол илјади визи на македонски граѓани за влез во Грција.