Во бомбите сѐ уште има барут

Колумна на Арсим Зеколи за „опојната прашина од која се губи свеста и совеста, која не е кокаин, ни хероин, ни мери-џејн тревка, туку мозочно индуцираната супстанција начена елитистичка привилегија на власта“.

Во духот на Ленин и неговата филозофија дека „сѐ е поврзано со сѐ друго”, денешната колумна е триптих на теми, навидум неповрзани помеѓу себе. А сепак, сплотено илустративни за духот на константна менливост која нѐ обвива.

*******

Најзависната наркотична субстанца во последната сторија за пратеници со „пола грам“ и микрофони во жолти таксиња не е претпоставената дрога, туку еден друг вид на опојна прашина од која се губи свеста и совеста. Таа дрога не е ни кокаин, ни хероин, ни мери-џејн тревка, туку мозочно индуцираната супстанција начена елитистичка привилегија на власта. Имено, истите оние кои до вчера се скандализираа за наводно нарко-зависничката „сељанка”, ќерка на еден (сега) опизициски пратеник, се првите кои денес се скандализираат над „малограѓанштината” на јавноста која искажува гнев кон истиот мерак на „финото момче” од сопствените редови. Во логичкиот мислотек на наркозависните од елитната привилегираност, шмркањето и вбризгувањето е криминал единствено кога се практицира од другата страна. Но кога тоа се спроведува од „мангупите од сопствени редови” тоа се интерпретира како бенигно кулерство, урбана современост, симпатично бунтовништво, ексцентричност една несфатлива за обичната багра малограѓанска. Во тој вештачки дискурс на оценување што е малограѓанштина, а што современиштва, дебатата не се диктира ниту од самиот акт, ниту од силата на аргументи, туку од накалемените предрасудни социјални шовинизми. Според кои, кога „другиот” пие шливовица и „тиквовача” тоа е пијанство на пијандура-простак. Но кога „нашиот” празни литро Балантајн дневно и ждрига со „скопско” во рака, тогаш тоа е симпатична „откаченост” и боемштина.

Таа веќе банална расправија помеѓу десничарската малограѓанштина и левичарскиот снобизам не би вредела ни време ни реченица доколку денес и овде таквата мимикрија не се користи како орудие за дефокусирање од споната што ги спојува овие сијамски близнаци. Зборот ми е за неказнивоста која ги краси и гнаси овие две групации навикнати во туѓи очи да препознаваат влакно и притоа останат блажено слепи за трупците во сопственото око. Објавувањето на бомбите од „Вистината за Македонија“ беа сепак само орудие кое требаше да ја разоткрие анархијата на неказнива нахалност и лицемерие на тогашната малограѓанска власт. Денешните лиферувања на бомбите за „Лагите во Македонија“ само ја балансира ново-истата реалност на забеганата власт на сегашните снобовските властодршци.

Но додека СДСМ се напиња во копирање на ВМРО во дискфалификација на огорчената јавност како „морализаторска”, владата на Заев допрва ќе мора да даде одговор за тековното цунами на прислушувани разговори. Премиерот и неговата медиумска пропагандна машинерија можат до бесвест да лиферуваат комични изговори за микрофони во жолти таксиња, да глумат „и ја се чудим” збунетост за новообјавените бомби. Но колку и да бегаат, на крај ќе мора да одговорат кој, како и кога ги има добиено снимките од прислушувањето. И воедно да понудат сериозни и убедливи докази дека истото прислушување не трае и ден-денес, проширено и надградено дури. По сите изјави дека бомбите биле само во негова сопственост и потоа предадени на СЈО, Заев ќе мора да објасни од каде тогаш протекуваат новообјавените бомби? Во спротивно, Заев веќе нема да може да го одбегне растечкиот сомнеж на јавноста за неговата галантност во споделување разговори и продолжување на макијавелистичката пракса воспоставена од Груевски. Нешто очигледно веќе не штима во досегашната верзија за потеклото и контролата на бомбите. И тоа не е прашање на вкусовите на вмровските малограѓани и сдсмовски снобови, туку апсолутно приоритетно прашање кое засега во срцето на претставничката демократија на земјата и функционирање на системот ослободен од уценувачки компромитации со кои се обезбедуваат изборни победи / порази, подеми / падови и базичните слободи на граѓаните. Затоа, приказната за пратеникот од задното седиште не е за инцидентот на поединецот, туку за анархијата на власта и нејзината кревка менливост поради променети околности.

*******

Протестите на опозицијата во Албанија со право се нарекуваат драматични. Но драматичноста не е толку во сцените со молотови коктели врз владините институции, колку што е во идејно-политичкото салто (мортале?) на Еди Рама. Слично на протестите во Србија, уличната бројност на демонстрантите во Албанија е сепак сѐ уште недоволна за изборен пресврт во полза на опозицијата со изразен дефицит на убедлива идеја и свежо лидерство. Но тоа е само спорадичната сличност на состојбите во Србија и Албанија.

Супстанцијалната сличност е во споделената вратоломна акробација на Вучиќ и Рама (плус Хашим Тачи) во напуштање на прегратките и етикетите на Соросови момчиња на Балканите и напорите да се престројат на страната на Доналд Трамп. Обидите на наведените за забрзана прекоманда од соросоизам во трампизам се можеби изненадувачки, но не и сосема неочекувани. Дотолку повеќе што на таа балканска прекоманда ѝ претходеше престројувањето на најпознатиот американски дипломатски соросоид Филип Рикер во администрацијата на Трамп (додуша, сѐ уште незаверено од страна на Конгресот). Составен дел на тековната перестројка во триаголникот Белград-Тирана-Приштина е и растечкото уважување на Будимпешта како најблизок мост кон САД, демонстрирано низ гостувањата на Орбан во Србија и громогласноста на Будимпешта во давањето подршка на евро-амбициите на Албанија.

Не спорејќи ја неговата улога и првичен успех во модернизирањето и либерализацијата на албанската политичка сцена, Еди Рама не покажа преголем имунитет кон болката на балканските политичари, кои спасот од неуспехот на домашно владеење го бараат во преамбициозно впливување во матните води на високите политики. Иронијата на неговото владеење е што неговите навидум успешни балансирања помеѓу Ердоган и Меркел, релативно успешни покајнички вртења кон Трамп и подземни шурувања со Вучиќ и Тачи околу Косово не беа доволни за импонирање на патерналистичкиот однос кон Рамуш Харадинај. Кој не се либеше - пред домашната јавност и европската дипломатија - на јасен и сосема Трамповски начин да му ја исцрта реал-политичката логика на сувереноста.  

Напорите на Рама за одземање на десничарскиот ексклузивитет на Демократската партија на Албанија во релациите со Републиканците во Вашингтон може да биде релативно успешен единствено доколку се спроведува низ споредба со Лулзим Баша. Но таа предност однапред и забрзано се топи и губи на битност штом неговото име биде ставено на вага со она на екс-МНР Дитмир Бушати како од Западот почитуван соговорник со чисто досие и од Албанците вреднуван како умерен политичар спремен на дијалог. Времето ќе покаже дали центристичкото позиционирање на Бушати е само израз на неговите политички светоназори и убедувања. Или пак составен дел на некоја нова стратегија конципирана надвор од вообичаените шеми изградени врз урнатините на компромитираните „отворени општества” и турбо-чалам галамџиски конзервативизми.

Други колумни од авторот:

Света метла во Свети СДСМ

Анџела, Емануел и Азилантите

*******

Вестите за впловувањата на американските носачи во Персискиот залив, најавите за испраќање 120.000 војници и воопшто шпекулациите за можна војна помеѓу САД и Иран кај нас вообичаено се следат со половично внимание и од призма на земја која смета дека е доволно далеку од жариштето на можниот судир. Проблемот со таквиот начин на размислување е што таа дистанца не важи во обратна насока, т.е. Иран и САД се поблиску до нас отколку што сме ние до нив. Особено во нашиот регионален контекст.

Неодамнешните случувања во соседна Албанија и протерувањата на Амбасадорот на Иран поради активности неспоиви со дипломатската служба е првата илустрација на регионалниот контекст. На кој се надополнува и присуството на неколку илјади припадници на анти-иранската формација Народна Мухаџединска Организација на Иран сместени во локација која се смета како „држава во држава”  - со благослов од САД.

Присуството на Иран во Бугарија е нотирано, но сепак „не е лесно да се детектира”, како што се наведува во написот „Под радар: Скриеното присуство на Иран во Балкан” на авторите Кирил Аврамов и Руслан Тард. Според написот, Балканот е интересен за Иран поради географската позиција на регионот како „тивка” логистичка платформа со релативно лабава безбедност, слаби институции и сеопшта корупција. Нотирајќи ја блискоста на Иран со домашното Алевитско население во Севар и Мадрево како и наклонетоста на крајно десничарската Атака кон соработката со Техеран, авторите укажуваат на лесното префрлање на иранските разузнавачи од Бугарија во Србија и нивното стационарно присуство во Македонија и Косово.

Гледано од домашна призма, нашата позиционираност е дополнително деликатна со оглед на паралелната блиска соработка со (во односот кон Иран) дијаметрално и ривалски настроените Израел и Турција. Вториот деликатен момент е расчекорот на САД и ЕУ во пристапот кон Иран кој може да се рефлектира кон нашата придружувачка обврска кон Брисел и стратешките специјални односи со Вашингтон. Забрзаното членство во НАТО секако ќе биде олеснителна околност во (ако не) избегнувањето, тогаш барем ублажувањето на таквите непријатни ситуации. Во секој случај, претпазливоста е нужен прерогатив за избегнување на непредвидливи ситуации предизвикани од фактори надвор од нашата контрола. Но за жал, не и надвор од нашето најблиско соседство.

Поврзана содржина

Северна Македонија | 14.02.2019

Еден Амди, Бајрами Рој

Северна Македонија | 26.02.2019

Изникнало криво крувче

Северна Македонија | 01.02.2019

Мотори

Следете нѐ