1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бугарија нема да има револуција

Коментар: Александар Андреев/ Превод: Жана Ацеска25 јули 2013

Два месеци по парламентарните избори, ситуацијата во Бугарија се заострува. Демонстрантите се против системот, но немаат вистинска алтернатива. Тоа е причина за ескалацијата на насилство, смета Александар Андреев.

https://p.dw.com/p/19Dxc
Фотографија: BGNES

Судирот пред бугарскиот парламент (24.07.2013) на протестите во Бугарија им дава нова димензија. Ескалацијата, патем, одамна беше најавена. Една милитантна фракција на демонстрантите и многумина учесници во жолчните онлајн-дискусии повеќепати се израснија за употреба на сила.

„Прво мора да протече крв и да биде искршено стакло, да настрадаат неколку глави, за нешто да се промени“, гласи циничниот тенор. А што точно треба да се промени? Тоа е прашање на кое нема јасен одговор и кое протестите и политичката ситуација ги води во затворен круг. Веќе 40 дена демонстрантите излегуваат на улици со барање за укинување на корумпираниот и непотистички систем. За мнозинството во земјата барањето е разбирливо, зашто по падот на комунистичкиот систем во 1989/1990 година, Бугарија е раководена од група олигарси и политичари водени од сопствени интереси. Практично сите политички партии и коалиции кои доаѓаат на власт, се во служба на големите економски актери или, уште полошо, на групите во сенка кои произлегоа од криминалните организации, чиј почеток беа уцени и рекет, но наскоро го поделија пазарот и се претворија во моќни играчи.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар АндреевФотографија: DW

Во корумпираниот систем, што демонстрантите сакаат да го укинат, спаѓаат и бившите соработници на комунистичката Служба за државна безбедност, кои уште ловат во матно во секторот на безбедноста, но и кога се во прашање негата на стари лица и активните шверцерски канали кои минуваат низ Бугарија. На удар е и корумпираното судство, во кое државните обвинители и судиите ги извршуваат партиско-политичките директиви и за тоа добиваат пари. Демонстрантите ја критикуваат и неправилната распределба на државните концесии и парите од фондовите на ЕУ, кои пречесто завршуваат кај пријателите на партиите на власт, потпомогнати со мито. Сето ова не е само на ниво на гласини, туку е поткрепено со резултатот од илегалното прислушување.

Зар немаат Бугарите тогаш повеќе од доволно причини да го урнат постојниот систем? Да, имаат. Најлошо во целата ситуација е што демонстрантите немаат политичка алтернатива. Тие немаат своја политичка партија ниту поддржуваат некоја и категорично одбиваат некој да ги инструменталзира. Освен неколку општи цели, тие немаат изработено ни каталог на неопходни мерки кои би требало да бидат применувани во разни сектори како образованието, здравството и енергетиката. Немаат предлог-мерки и за во економијата. Оние политичари и експерти кои ги поддржуваат демонстрантите, се обидуваат да договорат политичка коалиција, но досега без резултати. Протестите се некохерентни, дел со сосема лева, делумно со сосема десна ориентација. Судејќи по тоа, барањата за оставка на владата на премиерот Пламен Орешарски се преуранети и беспомошни. Зашто, владата составена од Социјалистите и Партијата на бугарските Турци, која е на власт со поддршка на екстремните националисти од Атака, само е второстепена епизода во посткомунистичката историја на членката на ЕУ- Бугарија. Ако владата навистина поднесе оставка, ни другите предвремени избори ништо не би промениле. Зашто, демонстрантите немаат време за да се организираат, ни политички, ни изборно-технички.

„Револуцијата се случува кога оние горе веќе не можат и не знаат, а оние долу веќе не сакаат“, велеше своевремено Ленин, сега омразен во речиси целиот бивш Источен блок. А токму така се чувствува мнозинството Бугари. Тие грозничаво бараат излез од овој затворен круг. Затоа ескалацијата на протестите и одговорот на блокадата на парламентот од страна на полицијата е всушност единствена логична последица. Но, до вистинска револуција во Бугарија нема да дојде.