1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија и натаму повеќе луѓе умираат одошто се раѓаат

17 јули 2011

Германци има се’ помалку. Бројот на населението во Германија, според Сојузниот завод за статистика, и во 2010. продолжил да се намалува, иако не толку драстично. Бројноста ја спасуваат доселеници од истокот.

https://p.dw.com/p/11wuj
Млади доселеници во ГерманијаФотографија: picture alliance/ZB

Стабилизирањето се објаснува со засиленото доселување и намалениот број луѓе кои ја напуштаат земјата. Притоа, и се’ повеќе студенти доаѓаат во Германија и остануваат тука по дипломирањето, се наведува во извештајот на ОЕЦД „Меѓународен поглед на миграциите“.

Лани во Германија живееле 81 милион и 750 илјади луѓе, што е за 51 илјада помалку од 2009 година. Во Германија и натаму повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат. Околу 800-те илјади доселеници од странство не можат да ја надополнат таа разлика. За волја на вистината, тој тренд почна уште пред четири децении. Уште во 70-те години, бројот на новородените во Германија почна драстично да опаѓа. Тоа може поедноставено да се толкува и како последица на воведувањето на анти-беби таблетите, но и драстичната промена на ставовите и вредностите во општеството.

Романците и Полјаците побројни од Турците

Во континуираниот пад на бројот на населението во Германија забележливи се и големи регионални разлики. Шест од вкупно 16 сојузни покраини бележат каков-таков пораст на населението, меѓу нив предничи Баварија, каде има 28 илјади граѓани повеќе од претходната година. Но, во сите пет источногермански покраини, како и во пет западногермански, меѓу нив и во најбројната Северна Рајна Вестфалија, бројот на населението постојано паѓа.

Sprachkurs Deutsch als Fremdsprache
Курс по германски за доселеницитеФотографија: picture alliance/ZB

Кога станува збор за доселениците, тие се‘ помалку доаѓаат од Турција, а се‘ повеќе од Романија и Полска. За првпат и Бугарија ја мина Турција на оваа листа. Германските емигранти, пак, најчесто заминуваат за Швајцарија, каде платите се повисоки, или во Австрија.

Според извештајот на ОЕЦД, никогаш не била помала ниту ткн. семејна миграција - само 48 илјади луѓе во Германија се доселиле како нечиј брачен партнер или член на семејство. Според поранешните проценки на Заводот за статистика, во Германија до 2060 година ќе живеат меѓу 65 и 70 милиони луѓе.

Автор: Борис Георгиевски/Иван Ѓерковиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска