1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во ЕУ по секоја цена

ЕМФ
2 јули 2019

Под насловот „Во ЕУ по секоја цена“ весникот „Велт“ пишува за македонските амбиции за влез во Европската унија и датумот за почеток на преговори.

https://p.dw.com/p/3LRvC
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

„Да се излезе од ЕУ не е толку едноставно, но не е едноставно ниту да се влезе. Додека Велика Британија веќе две години преговара за условите за излегување од ЕУ, Северна Македонија уште од 2003 година бара пат за влез во заедницата на држави“, констатира на почетокот на текстот авторката Соња Гилерт и продолжува:

„Навистина, шансите за влез на земјата од Западниот Балкан не биле никогаш толку добри како во моментов. Скопје веќе 10 години чека на почеток на преговори со ЕУ за приклучување. Почеток на преговори од страна на Европската комисија првпат беше препорачан уште во 2009 година, но за такво нешто треба согласност да дадат сите земји на ЕУ. Грција, поради спорот за името, долго го блокираше стартот на преговори за приклучување, како и приемот на Северна Македонија во НАТО. Откако Македонија на почетокот на годинава пред своето име додаде 'Северна', отстранет е најголемиот камен на сопнување. Тоа беше историска одлука во спорот кој траеше четврт век.“

Наведувајќи дека одлуката за датумот во јуни повторно заглави, меѓу другото и поради тоа што германскиот парламент за тоа ќе гласа дури по летната пауза, весникот цитира изјави на македонскиот претседател Стево Пендаровски дадени за „Велт“ при неговата последна посета на Берлин минатата недела:

„'Доколку ЕУ наесен повторно ја стави настрана желбата на Северна Македонија, тогаш тоа ќе има тешки последици за сите проевропски политичари во Северна Македонија', стравува Пендаровски. 'Поддршката за ЕУ тогаш ќе падне за многу проценти.'... Зад 'техничките причини' за одлагање на гласањето во Германија за датум за преговори, меѓутоа веројатно се кријат и други мотиви: извештајот за напредокот на Албанија, за чиј почеток на преговори треба да се гласа во пакет со Северна Македонија, дава повод за загриженост. Додека свидетелството на ЕУ за Скопје покажува напредок, иако се зборува и за потенцијал за подобрување во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, политичката состојба во Тирана е хаотична. Сега наводно повеќе земји на ЕУ дискутираат за тоа дали не би било разумно одвојување на процесот на приклучување на Албанија и Северна Македонија, значи 'Go' само за Скопје.“

„Велт“ го цитира Пендаровски со зборовите дека „одвојување на Западниот Балкан не би требало да има, затоа што земјите се меѓусебно испреплетени“:

„Доколку некои земји од регионот бидат оставени, може да се случи тие да си побараат други опции. 'И покрај состојбата во Албанија, двете земји треба да почнат преговори со ЕУ, зашто само низ преговори со Еу може да се стане подобра земја', нагласува Пендаровски. Тој смета дека мора да се искористи влијанието на Брисел во регионот. Истовремено, тој критикува дека ЕУ-државите се интересираат за Западен Балкан само ако се засегнати нивните интереси“, пишува весникот „Велт“.

Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Во некои земји на ЕУ се размислува за одвојување на Северна Македонија и Албанија, пишува „Велт“Фотографија: Imago

Со евроинтеграциите на Северна Македонија и Албанија, со акцент на состојбите во Албанија по локалните избори, денеска се занимава и „Тагесцајтунг“ и оценува:

„Додека Северна Македонија има голема шанса да преземе чекори во насока на ЕУ, постои опасност дека Албанија самата се турка во аут. Локалните избори од неделата тешко дека ја придвижија земјата нанапред.“