1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Исламабад започна разврската на еднонеделната криза – јуриш врз џамијата

10 јули 2007

Владините трупи извршија напад врз исламистите забарикадирани во Црвената џамија и воспоставија контрола врз најголемиот дел од комплексот во кој се наоѓаат и две верски училишта – медреси.

https://p.dw.com/p/BEVl
Џамијата по нападотФотографија: AP

Половина ден по почетокот на јуришот врз Црвената џамија, припадниците на пакистанските сили за безбедност го “чешлаат” комплексот во потрага по преостанатите милитантни исламски екстремисти. Во приземјето на една од медресите, според наводи од кругови на војската, се забарикадирани многубројни, во најголем дел вооружени исламисти, меѓу нив и водачот, радикалниот проповедник Абдул Рашид Гази. Тој изутрината уште еднаш бил повикан да го положи оружјето и да им се предаде на властите, рече министерот за информации Афтаб Ахмед Шерпао. Гази најави “борба до маченичка смрт”. Во меѓувреме стигна веста дека го убиле неговите приврзеници, спречувајќи го во намерата да и’ се предаде на војската.

Безбедносните сили ноќеска пред мугри започнаа со напад врз џамијата од три насоки. Радикалите вооружени со автоматско оружје, гранати и ракетни фрлачи даваа жесток отпор, Во тешките борби, според војската, се убиени 50 исламисти и 8 војници. 19 екстремисти се предале, 24 биле уапсени. Исламистите пукале врз војската и од минарињата на џамијата.

Како што е речено, биле ослободени 50 машки и 30 женски посетители на верските училишта од комплексот на џамијата. Ослободени биле и 60-ина жени и деца, меѓу нив и сопругата и ќерката на раководителот на џамијата Маулана Абдул Азиз, кој во средата беше уапсен при обдиот за бекство преоблечен во женска облека и со фереџе преку главата. Азиз е брат на водачот на исламистите Гази, кој наводно како жив штит држел заложници – жени и деца. Од грижа за нивните животи војниците постапувале многу претпазливо, рече претставникот на армијата, генералмајор Вахид Аршад: “Таму има жени и деца затворени во комплексот и ние напредуваме чекор по чекор за да обезбедиме да нема непотребни колатерални штети”.