1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Кинотеката се чуваат македонската историја и култура

Сузана Тодоровска-Павлоска6 септември 2012

Македонија нема неразрешени прашања околу сопственичките и авторските права на филмовите снимени до 1991. година и распаѓањето на поранешна Југославија. Што препорачува ЕУ за заштита на аудиовизуелното наследство?

https://p.dw.com/p/164E2
Фотографија: DW/S.Todorovska

Какви се европските препораки за унапредување на заштитата на аудиовизуелното наследство?

Препораките до министрите за култура во земјите на поранешна Југославија за прилагодување на легислативата за реализирање на соработка на полето на заштитата на филмското наследство и насоките во работењето на филмските архиви и кинотеки, донесени на состанокот на Европската асоцијација на кинотеки во мај во Скопје, треба да ја дефинираат и унапредат кинотечната регионална соработка, вели Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на Кинотеката. Меѓу другото, и за да се решат проблемите со сопственичките права.

„Во поранешна Југославија биле работени копродукции меѓу две или повеќе тогашни републики и до денес не се разрешени сопственичките права односно, на која држава припаѓа тој филм. Затоа се договоривме тие филмови кои биле снимени до 1991. година да бидат подеднакво достапни до сите држави кои беа во состав на поранешна Југославија и во копродукциите да се почитуваат постојните европски норми за филмски копродукции односно во зависност од тоа, која република колку финансиски учествувала во реализацијата на филмот. Другата препорака се однесува на заеднички меѓународни проекти на заштита и реставрација што би ги реализирале меѓусебно. Веќе започнавме заеднички проект со Хрватската кинотека“.

Mimi Gorgovska Ilievska Kinothek Skopje Mazedonien
Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на КинотекатаФотографија: DW/S.Todorovska

Продуцентските права на филмовите до 1991-та - префрлени на кинотеките?

Во однос на продуцентските права на филмовите снимени до 1991. година кога во секоја земја од поранешна Југославија носител на филмот беше единствениот државен продуцент, доколку тој повеќе не постои, денес тие права се префрлуваат на соодветна институција.

„Според искуствата на поранешните социјалистички земји како Чешка, Словачка или Унгарија, тие права беа префрлени на филмските архиви“, појаснува Ѓоргоска-Илиевска.

„Но, што е со продуцентските права од поранешните единствени државни продуценти кои постоеја во поранешна Југославија? Најчесто тие државни продуценти како такви - не постојат. На пример, во Словенија беше ’Виба филм’ која денес е техничка база и филмско студио, а во Србија работеше ’Авала филм’ која повеќе не е продуцент. Треба да се најде модел, што со тие продуцентски, авторски права, затоа што тие филмови сепак се реализирани со средства од државата. “

„Македонија нема проблеми со сопственичките права“

Ѓоргоска-Илиевска вели дека нема спорни филмови кои не се прифатени од страна на другите држави, независно од тоа што на почетокот на македонската кинематографија во долгометражната продукција често пати гостувале режисери од другите држави, но „Вардар филм“ беше продуцентот.

„Македонија на среќа нема проблем со расчистување на сопственичките права - што е македонски филм и кој филм е македонски, затоа што продуцент на најголем дел од македонските филмови е ’Вардар филм’. До 1991-та, 90% од македонската филмска продукција беа снимени од ’Вардар филм’, започнувајќи со првите документарни филмови снимени во 1947. година, продолжувајќи со првиот македонски игран филм ’Фросина’ па сè до 1991. година. Станува збор за 50-тина долгометражни играни филмови, околу 500 документарни, кратки играни филмови. Сето ова е една појдовна точка за да се разговара за заеднички проекти за заштита, реставрација и за сопственичките и авторските права.“

Дигиталната реставрација и натаму еден од приоритетите

Од пред три години Кинотеката на Македонија ги има најсовремените депоа за чување на аудиовизуелните дела. Минатата година го започна процесот на дигитална реставрација на филмскиот опус на режисерот Столе Попов, чие ДВД издание ќе биде објавено следниот месец. Кинотеката продолжува со дигиталната реставрација на филмскиот опус на првите сниматели на Балканот односно на најстарите материјали на браќата Манаки што ги поседува оваа институција.