1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во очекување на некое подобро утре...

21 декември 2009

Голо Брдо е еден од најсиромашните региони во Албанија, а со тоа и на Балкан и во Европа. Тука живеат неколку илјади Македонци. Со финансиска поддршка од ЕУ во село Острени Македончињата на курс учат македонски јазик.

https://p.dw.com/p/L3gy
Планинските области во Албанија се тешко пристапниФотографија: DW

Сместенa во пазувите на планината Радуч, на простор од 420 квадратни километри каменит предел, на надморска височина од 1.100 метри се наоѓа областа Голо Брдо, еден од најсиромашните региони во Албанија, а со тоа и на Балканот и во Европа.

Доколку сакате да стигнете до Голо Брдо, не треба да прашате колку километри има дотаму, туку за колку време се стигнува. Дека тоа е така се убедувате веднаш по напуштањето на градовите Либражд или Булќиза, во зависност од тоа, која страна сте ја избрале да стигнете до оваа област. Од Либражд патот е во должина од 60, од Булќиза 30 киломери. За нашата посета го избравме, условно речено покусиот пат, оној кој со Булќиза областа ја поврзува Требишки мост. Го поминувате мостот, зад вас остануваат сите знаци на цивилизацијата. Оштетениот макадамски пат, со многу опасни кривини, со теренско возило, го минувате за повеќе од три часа. Морате да се одморите, да ја освежите душата со вода од природни извори. Но, сите маки ги заборавате со првата средба со жителите од оваа област, нивната питомост и гостопримливост. Среќни и зачудени, зашто, како што велат, не ги посетил со години ни албански ни македонски новинар за да кажеле како живеат.

Областа има 22 села, од кои 18 се населени исклучиво со македонско население, другите четири се со мешан етнички состав, Македонци и Албанци. Функционираат три општини. Најголема е општината Острени, која опфаќа 13 села, со над 4400 жители, вели секретарот на општината Ќани Муча. „Имаме школи, имаме болница, имаме направено нова општина, патот не е добар, но планираме од општината да го асфалтираме“.

Еден куп проблеми

А жителите напластените проблеми им се чини дека треба да ги кажат еден по друг, без прекин, небаре ќе се решат веднаш, но не губат надеж дека ќе биде подобро.

До деведесеттите години во областа живееле над 35 илјади жители, денес ги има околу 15 илјади. Дел се иселиле во други градови во Албанија, помал дел во Македонија, останатите во Италија и Грција, на привремена работа, но останале со години. Сите ја напуштиле родната грутка за подобар живот. Најмногу миграцијата го погодила селото Тучепи, каде од стотина, сега има само четири домаќинства кои постојано живеат тука.

Иако дома и меѓусебе зборуваат македонски, бидејќи не им се признава статус на малцинство, образованието го следат на албански, кој е и задолжителен во институциите, вели секетарот на општина.

Во поголемите населени места функционираат деветолетки, во помалите, подрачни четиригодишни училишта. Во деветолетката во Острени има над 400 ученици. „Правиме напори од наредната учебна година да почне да функцинира и средно училиште,кое ни е неопходно“, вели директорот Шефќет Муча.Поради немање средно училиште неколку деца од оваа област се школуваат во Македонија. Една од нив е и 15-годишната Етилда Тоља, која е во прва година во средното идустриско училиште во Прилеп.

Без амбулантно возило

Речиси во сите села, кога станува збор за здравствената заштита има постојана присутност на средно медициски кадар. Во Острени, има здравствен дом со лекар, акушерка, лице здолжено за вакцинации и две медицински сестри. Жителите добиваат потребна задравствена услуга во секое време .

„Најнеопходно ни е амбулатно возило. Ова е изразито ридско планинско подрачје. До најодалеченото село, кога временските услови се неповолни, потребни ни се три часови одење пеш, а и градот од тука е во иста временска оддалеченост“, вели докторот Наим Шеху. Жителите не кријат дека кога имаат тешко болни, поради близината ги транспортираат до македонскиот град Дебар, но преку се‘уште неофицијалниот премин Требиште-Џепиуште. Тоа од хуман аспект не го попречуваат ни албанските ни македонските погранички полицајци. Со отворањето на преминот, кој функцинирал до педесеттите години од минатиот век, поради блзината од само половина час пат, тие очекуваат свои земјоделски, сточарски и други производи да пласираат на пазарот во Дебар а оттука да ги купуваат најпотребните прехранбени и други артикли.

Rechtschreibreform
Важно е да се знае и јазикот...Фотографија: Bilderbox

Курс по македонски јазик

По барање на родителите, преку партијата Македонска алијанса за европса интеграција и финансиска поддршка на ЕУ, во Острени во тек е курс по македонски јазик. Него го следат четириесет дечиња. Иницијативата за тоа ја превзел Едмонд Османи, еден од тројцата советници од македонската партија во оштина Требиште, кој најавува вакви курсеви уште во четири други села.

Го напуштаме Голо Брдо, кон квечерина, по истиот макадамски пат, со одекот на песната кoја како поздрав ни ја испеаја децата , пресреќни дека на јазикот на кој зборуваат сега знаат и да читаат и да пишуваат.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Жана Ацеска