1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во потрага по заеднички ставови за клучни прашања

13 април 2009

Новиот македонски претседател Ѓорѓе Иванов и лидерот на ДУИ, Али Ахмети разговараа околу еворинтеграцијата на Македонија, спорот околу името и вклучување на албанските интелектуалци во претседателскиот кабинет.

https://p.dw.com/p/HVp3
Ѓорѓе ИвановФотографија: AP

Во разговорот меѓу новоизбраниот шеф на државата Ѓорѓе Иванов и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој траеше околу седумдесет минути главни теми биле евроатлантската агенда на Македонија и прифаќањето на неколку кадровски решенија од албанската етничка заедница во кабинетот на идниот македонски претседател.

„Мораме да градиме заеднички ставови по клучните прашања кои се во надлежност на претседателот, и таа взаемна соработка мора да дојде до израз особено сега кога се пополнува кабинетот и кога за одредени прашања треба да бидат вклучени и дел од албанските интелектуалци“, изјави Ѓорге Иванов по средбата. Двајцата политичари разговарале и за повеќе прашања од политичката агенда, пред се прашањето за името и за евроинтеграциите.

“Не очекува период каде мора да изградиме државни стратегии и тоа што е сработено да се потврди и да се интензивира за да може граѓаните на Македонија да ги почувствуваат благодетите од тие интеграции“, вели Иванов.

Ali Ahmeti, Mazedonien
Али АхметиФотографија: Petar Stojanovski

Во врска со спорот со името со Грција, Иванов рече дека тоа е прашање за преговарачкиот тим и јавноста ќе биде информирана кога ќе дојде време за тоа. Ахмети во врска со спорот околу името со Грција додаде дека тие се заинтересирани ова прашање да се реши на начин кој е во севкупен интерес за сите граѓани во Македонија.

Ахмети: Иванов доби поддршка и од Албанците

Лидерот на владиниот коалиционен партнер, вели дека Иванов бил избран и со гласови на Албанците, и не треба да се прави фама од тоа. „Иванов го има полниот и потполниот легитимитет како иден претседател на Македонија“, истакна Ахмети. За албанскиот владин коалициски партнер било важно да слушне и кои се поглединте на идниот претседател околу реализација на Рамковниот договор, чие донесување Иванов од позиција на универзитетски професор го критикуваше. Иванов и Ахмети немаа средба за време на изборната кампања. Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ не беше во некои од местата населени само со припадници на албанската етничка заедница. Сепак двајцата политичари изразија задоволство од средбата и разговорите.

Автор: Александар Чомовски/Агенции

Редактор: Невена Георгиевски