1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во појасот Газа е пет до дванаесет

19 јули 2004

Коментар на Петер Филип

https://p.dw.com/p/AcMH
Очигледни несогласувања:Куреи и Арафат
Очигледни несогласувања:Куреи и АрафатФотографија: AP

Протестите против роднината на палестинскиот претседател Јасер Арафат, Муса добија насилнички карактер при што најмалку 18 лица беа ранети, додека околу 3 илјади демонстранти излегоа на улиците против номинирањето на Муса Арафат за шеф на безбедносните сили. Извесно е дека во неговата долга кариера како борец на подземјето, шеф на терористите и веќе повеќе години претседател на палестинската автономија, 75-годишниот Јасер Арафат направи многу грешки. Меѓутоа, секогаш успеваше да се извлече и да излезе како победник дури и од скоро безизлезни ситуации. Така се чинише и овојпат. Кон крајот на минатата недела растеа критиките врз неговата управа за корупција и недоволна готовност за реформи. Само што овојпат протестот се претвори во насилство. Повеќе киднапирања во појасот Газа предизвикаа хаос кој сега можеби ќе се претвори во длабоки промени во палестинската структура на власта. Но, токму тоа сака да го спречи шефот на ПЛО. Иако Израел одамна го изолира во неговото главно седиште во Рамалах, Арафат прави се и натаму да ја задржи неговата улога како лидер на Палестинците. И тоа со ретка мешавина на храброст, гордост и селска итрина. Пред неколку дена еден стар пријател кај Арафат стана перосна нон грата, дури безвредна личност. Станува збор за Терје Род-Ларсен, норвешкиот специјален претставник на ОН за Блискиот исток и мотор кој стои зад договорот од Осло од 1993 година. Тој пред Советот за безбедност изјави дека автономната управа потфрли во борбата против тероризмот и дека нејзиниот претседател Јасер Арафат носи голема одговорност за парализата и заканувачкиот хаос во палетинските подрачја зашто не е подготвен за итно неопходните реформи. Меѓу нив и за реформа на безбедносните сили. По искуствата од појасот Газа се чини дека Арафат разбра оти со сопствените приврзеници не може да се однесува како со Норвежанецот. И пред се дека бунтот во Газа би можел да му ја одземе контролата. Еден од знаците за тоа беше изјавата за оставка на досега малку ефикасниот премиер Ахмед Куреи. Арафат не ја прифати, но знае дека беше “пет до 12“. И веднаш најави реформа на безбедносната служба и нејзино редуцирање на само три, нешто што постојано го избегнуваше. Но, потоа направи кардинална грешка: како шеф на една од тие служби го именува неговиот внук што предизвика бран протести. А, протестираат токму групи што досега му беа верни на Арафат. Посебно во Газа тие се наоѓаат во битка за власт за иднината – за времето по израелското повлекување кое треба да се довива до наредната година. Ако приврзениците на Арафат во Газа сакаат да се потврдат против исламските фанатици на Хамас и на Џихад, тоа значи дека сакаат да се ослободат од љубимците кои и натаму ја имаат поддршката од Арафат. Но, нему му требаат тие љубимци. Ништо не би било толку туѓо за Арафат колку слободен и демократски систем. Сега мора да внимава да не загуби се. Пред се затоа што израелскиот премиер Ариел Шарон веќе ја користи ситуацијата за да покаже дека со такви луѓе не е можно да се преговара, иако и тој во голема мера носи одговорност за сегашниот хаос.

Петер Филип