1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во пресрет на новата сезона во Бундеслигата

Зоран Јордановски 11 август 2008

Во длабока сенка на олимпијадата се одвиваат подготовките за новото фудбалско првенство во Бундеслигата. Официјалната фудбалска сезона на домашен план во Германија, всушност, започна со средбите од Купот.

https://p.dw.com/p/Eukb
Јирген Клинсман, новиот тренер на Баерн МинхенФотографија: picture-alliance /dpa

Фаворитите, барем според исходот од натпреварите од купот, ја оправдаа улогата и купот овој пат не се покажа како натпреварување кое носи изненадувања и во кое малите екипи се надминуваат себе си во дуелите со многу пореномираните. Но, ова не значи и дека тие не дадоа силен отпор. Најкаратктеристична во тој поглед беше средбата во Ерфурт, каде славниот Баерн на трипати водеше и трипати домаќините успеваа да изедначат.

Хамбургер тешко ќе го надомести Рафаел ван дер Ваарт

Дури четвртиот гол на 10-ина минути пред крајот му обезбеди победа на Баерн со 4 спрема 3 и пласман во наредното коло. „Во принцип, уште во првото полувреме по водството од 1 спрема 0 можевме или моравме да ја расчистиме работата. Тука недостасуваше малку професионалност. Можеби првиот, рано постигнат гол ни создаде впечаток дека ќе биде сосем лесно. Но не беше, не е лесно ни против третолигаш“ - рече по средбата новиот тренер на Баерн, поранешниот репрезентативец и сојузен тренер Јирген Клинсман. Баерн покажа слабости во одбраната што треба да го замислат Клинсман, а ни на играчки план не беше уверлив.

Напаѓачот на тимот од Ефурт Алберт Буњаку е во птраво кога вели: „Ние игравме добро и заслуживме повеќе“.

Сличен тек имаше и гостувањето на Баер Леверкузен кај второлигашот Рот-Вајс во Оберхаузен. Дури во продолжението Баер славеше победа од 3 спрема 2 со голот на засилувањето од Келн, репрезентативецот Патрик Хелмес. Бохум како гостин го елиминира Пројсен од Минстер дури по изведувањето пенали, благодарение на голамнот Даниел Фернандес, кој одбрани два удара од белата точка. Тесни победи без сјај извојуваа и Арминија Билефелд, Борусија Дортмунд, Хофенхајм и Хамбургер, кој како што се виде на средбата против новиот второлигаш Инголштат, тешко ќе може да најде замена за Рафаел ван дер Ваарт, кој заминува во Реал Мадрид. Волфсбург рутински обезбеди пласман победувајќи го четвртолигашот Хајденхајм со 3 спрема 0. Бразилецот Марселињо според најновите информации, го напушта Волфсбург и се враќа во Бразил, во тимот на Фламенго од Рио де Жанеиро.

Убедлив резултат на Борусија Менхенгладбах

Резултатски убедливи, пак, беа Борусија Менхенгладбах која го совлада тимот на Фихте во Билефелд со 8 спрема 1, и Вердер Бремен со победата над Ајнтрахт Нордхорн со 9 спрема 3. Немаа проблеми ни Штутгарт, Шалке, Ајнтрахт, Херта и Карлсруе.

Во изненадувања можат да се вбројат елиминациите на второлигашите Кајзерслаутерн, Гројтер Фирт, Занкт Паули и Кобленц во дуели со тимови од понизок ранг на натпреварување.

Два куп-натпревара беа прекинати: средбата Халешер - Хановер поради тепачка на трибините во блокот нас гостинските навивачи при резултат од 5 спрема 0 за Хановер, и дуелот Унтерхахинг - Фрајбург поради силен дожд при резултат 2 спрема 0 за Фрајбург.

Веќе на наредниот викенд започнува првенството на Бундеслигата. Ќе го отворат в петок Баерн и Хамбургер.