1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во ред е“

Свето Тоевски23 февруари 2009

Двата тетовски универзитета–Државниот и Штуловиот, со нешто повеќе од 20 илјади студенти, од кои 17 илјади Албанци, 3 илјади Македонци и помал процент Турци, Роми и Бошњаци се образовни средини каде што нема инциденти.

https://p.dw.com/p/GzaT
Државниот универзитет во ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Сади Беџети, ректорот на Државниот универзитет, вели: „Во 2007 година го имавме зголемено бројот на студенти од македонската популација за 17%. Во 2008 година таа бројка е зголемена за 21 отсто. Изведуваме настава на англиски, македонски и на албански јазик и сакам да го одржам тој тренд.“

Толе Белчев, професор на катедрата за македонски јазик на овој универзитет, дополнува: „Во прво време имаше одбојност. Не се запишуваа децата од македонската националност. Порано немаше такво дружење: сите се собираа на различни места – Албанците посебно, Македонците посебно. Тука сега се забележува подобрување на односите меѓу студентите. Се појавува дружење.“

Виолета, Александра и Мирослав, студенти од македонска националност на оваа високошколска институција, велат: „Се дружам со колегите од мојата група – и Македонци и Албанци“; “Нема никакви инциденти, сега – засега, барем“ ; „Проблеми нема, ама кај нас нема ниту пријателство во последно време.“

Спонтано мешање во наставните групи

Алајдин Абази, ректорот на Штуловиот универзитет, посочува како се остварува на дело мултиетничноста во образовниот процес: „Најмногу кога имаат некој предмет на англиски јазик. Тогаш се определуваат самите студенти. Не се прашуваат од која група се и кој им е мајчиниот јазик, туку се определуваат да слушаат англиски јазик и тука се мешани сите. И тука е тој контакт.“

South East European Universtät Tetovo, Mazedonien
Универзитетот на ЈИЕ во ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Јетон Шасивари, предавач на Правниот факултет на овој универзитет, нагласува: „Во вонредните студии имаме мешани класови од 30 студенти, кои студираат истовремено и на албански и на македонски јазик и тоа влијае врз нивното меѓусебно познавање, размена на идеи, врз меѓусебната соработка, особено при изготвувањето на семинарските трудови и подготвувањето на испитите.“

Бурханудин, студент од албанската етничка заедница на Штуловиот универзитет, интеретничката комуникација меѓу студентите, ја оценува на овој начин: „Многу добра. На пример, со Македонците, Ромите. Имаме исклучително добро разбирање и соработка. Нема апсолутно никакви инциденти на овој универзитет“.

Tetovo, Mazedonien
Политиката не смее да „меша прсти“ во образованиетоФотографија: Petar Stojanovski

Вториот студент – Албанец, Арѓент дополнува: „Во ред е. Досега не сме имале меѓуетнички проблеми.“

Политичка злоупотреба на струшките

средношколци ?

Академските кадри од Штуловиот универзитет се осврнуваат и на предлогот за воведување етнички смени во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга. Во овој контекст професорот Шасивари смета: „Во Струга се случува политика, што е апсолутно недозволиво. Ги ставаат децата во улога на предизборна кампања, односно, злоупотреба на децата за собирање политички поени. Ако ги погледнете самиот Рамковен договор и сето она што се случуваше овие 7 – 8 години, ќе видите дека напорите на европскиот и меѓународниот фактор се да се зачуваат мултиетничноста и мултикултурализмот, како вековни вредности на Македонија.“

Ректорот Абази заклучува: „Тоа нема смисла: во 21 – иот век да ги делиме децата од исто маало. Тие би морале да изнајдат можности децата да бидат заедно.“

Во овие два универзитета продолжува нивната „тивка“ интеретнизација – зголемувањето на бројот на студенти од македонскиот и другите етникуми. Како влог за една иднина без етнички тензии, со поинтензивен мултиетнички и мултикултурен дијалог во Македонија.