1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во сенката на Либија

25 март 2011

Во заднина на случувањата во Либија, Јемен и Бахреин ескалира состојбата и на палестинските подрачја. Екстремисти испукаа десетици ракети врз Израел и детонираа бомба среде Ерусалим, по што следуваше израелска одмазда.

https://p.dw.com/p/10gnW

Спиралата на насилство е покрената и високи израелски претставници веќе предупредуваат дека Израел би можел да се чувствува присилен да покрене нова воена операција од пошироки размери за да го собори режимот на палестинското милитантно движење Хамас во Појасот Газа.

Новата ескалација е барем посредно поврзана со случувањата во Северна Африка и на други места на Блискиот Исток, бидејќи барања за слобода, партиципација во власта и економска благосостојба се слушаат и во Појасот Газа и на Западниот Брег. На окупираните палестински подрачја врие. Во Газа и во Рамала минатата недела имаше демонстрации главно на млади луѓе, но тие протести останаа речиси незабележани. И Хамас во Појасот Газа и автономните палестински власти на Западниот Брег употребија сила против демонстрантите. Во Газа загина најмалку едно лице.

Знак за тревога

Истовремено, претседателот Махмуд Абас се труди околу помирувањето со Хамас. Тој е подготвен да го посети Појасот Газа и да се состане со тамошниот премиер Исмаил Ханија. Заеднички би можеле да создадат преодна влада, која во рок од шест месеци би организирала нови избори.

Во Ерусалим тоа беше знак за тревога. Имено, последно нешто што израелската влада го посакува е Палестинците да се здружат, потоа заеднички да ги изнесат своите барања и настојувања околу воспоставувањето на палестинска држава и да зајакне нивната легитимност на меѓународно ниво и да станат посилни во застапувањето на сопствените интереси.

Тоа може да се спречи само ако повторно се придвижи кругот на насилство. А тоа е стратегија за која Израел секогаш може да најде подготвени соработници меѓу екстремистите од Исламски џихад и на вооруженото крило на Хамас во Појасот Газа.

Западот мора да дејствува

Додека светот гледа во Либија, Јемен или Сирија, на палестинските територии и во Израел се заострува ситуацијата. Оправдан е стравот дека Израел би можел да ја искористи поволната состојба да ги разбие сите обиди за повторно воспоставување на единство меѓу Палестинците, бидејќи ултрадесничарската влада во Ерусалим се наоѓа под голем притисок. Во револуционерниот арапски свет, во кој народите се будат и бараат повеќе права, ни Палестинците нема да мируваат и мирно да гледаат како еврејските доселеници ја заземаат нивната земја и се’ повеќе исчезнуваат нивните изгледи за воспоставување сопствена држава.

Случувањата во арапскиот свет го принудуваат и Западот на дејствување. Тој не може да се потпре на бунтовниците во Либија и на демократското движење во арапските земји, а и натаму да молчи за неправдата кон Палестинците. Политичарите во Ерусалим веќе бараат нова офанзива во Појасот Газа, како онаа пред две години. Ако дојде до тоа би било време на Израел да му се откаже поддршката и забрана за летање да се воведе и над Појасот Газа.

Автор на коментарот: Бетина Маркс

Превод: Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска