1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во српскиот ќорсокак

Немања Рујевиќ
1 декември 2016

Илјадници бегалци се заглавени во Србија- напред не можат, назад не сакаат. Официјално, камповите се уредени и доволни да ги примат сите. Неофицијално, таму се влегува тешко, а има и ненајавени депортации во Македонија.

https://p.dw.com/p/2TaA2
Serbien Flüchtlinge in Belgrad
Фотографија: DW/N. Rujevic

Сохел од Авганистан е еден од десетиците илјади луѓе кои на патот кон Западна Европа останаа заглавени во Србија, тука да ја истуркаат етапата на очај, не знаејќи дали некогаш ќе можат да одат понатаму или ќе мораат назад. Сохел, меѓутоа, не е еден од седумте илјади бегалци во камповите во Србија, иако е малолетник кој патува сам. Наместо тоа деновите и ноќите ги поминува во трошниот магацин помеѓу главната железничка и автобуската станица во Белград, долга зграда од цигли која сега остро мириса на мокрача, на пластика со која се пали оган и пот од неискапени тела.

Како стојат работите по толку неволји на поминатите граници? Од српскиот ќорсокак напред теоретски водат само два пата. Сохел би можел да се пријави, да се смести во некој бегалски камп, и да има луда среќа по неколку мачни месеци чекање да добие зелено светло од Унгарците да ја помине границата. Официјално Унгарија пушта само двесетина луѓе дневно по свој избор- од листите кои им ги доставува Србија.

Заглавени во Белград

Но постои поважна причина зошто луѓето повеќе сакаат да живеат во кучешки услови во магацинот и по парковите отколку во преполните, но сепак суви и потопли кампови. Бегалците, дури и ако полицијата им издаде потребни потврди, не можат да избираат каде да одат- а поголемиот дел би сакале сместување во кампот Крњача кај Белград. Центрите во Бујановац или во Боговаѓа како и некои други изгледаат сосема пристојни. Сепак, според зборовите на повеќе бегалци и активисти од невладини организации со кои разговараше ДВ, властите најчесто ги праќаат луѓето во кампот во Прешево. Полицијата неколку пати доаѓаше во белградскиот магацин и ноќе ги одвезуваше на југ. А Прешево, тоа е за Сохел и другарите кошмар: „Слушнавме дека кога ќе отидеш таму те депортираат во Македонија. На некои пријатели тоа веќе им се случило“, вели момчето. Власта официјално не зборува за депортации. Што не доведува до другиот начин, макар и во теорија, од фиоката наречена Србија да се излезе кон север или запад, во Европска унија- илегално. Но кој нема пари да ги плати криумчарите останува во трошниот магацин во центарот на Белград.