1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Турција почнува процесот против Штојтнер

ЕМФ / дв
25 октомври 2017

Германскиот активист Петер Штојтнер по три месеци притвор, денеска ќе биде изведен пред суд во Турција. Во меѓувреме, канцеларката Меркел се сретна со сопругата на затворениот новинар Дениз Јуџел.

https://p.dw.com/p/2mRwC
Türkei Deutscher Menschenrechtler Peter Steudtner in U-Haft
Петер Штојтнер беше уапсен пред три месециФотографија: picture-alliance/dpa/Amnesty International

Во Истанбул денеска почнува процесот против германскиот борец за човекови права Петер Штојтнер и десетмина други обвинети, меѓу кои и директорката на Амнести Интернешнал во Турција, Идил Есер и претседателот на организацијата Танер Килич. На десет обвинети им се префрла „поддршка на терористичка организација“, додека Килич мора да одговара за „членство“. На обвинетите им се заканува казна затвор во траење до 15 години.

Адвокатот Килич беше уапсен во јуни во Измир, додека останатите беа уапсени на почетокот на јули на воркшоп во Истанбул. Апсењата предизвикаа остра критика во меѓународни рамки. Германската влада апсењето на Штојтнер го оцени како несфатливо и врши притисок за негово ослободување. Освен тоа, по апсењето владата во Берлин најави промена на германската политика кон Турција. Организацијата за човекови права Амнести Интернешнал ги критикува обвинувањата како неточни и клеветнички.

Штојтнер е еден од најмалку единаесетмина Германци затворени во Турција од политички причини за кои германската влада бара ослободување. Меѓу нив е и дописникот на весникот „Велт“, Дениз Јуџел. Канцеларката Ангела Меркел вчера се сретна со неговата сопруга на маргините на конститутивната седница на Бундестагот во Берлин. Со нејзе разговарала за ситуацијата на Јуџел во затворот, соопши портпаролот на германската влада Штефен Зајберт. Јуџел е во притвор уште од февруари, а сѐ уште не е подигнато обвинение. Тој се сомничи за тероризам. Неговиот адвокат Вејсел Ок пред неколку дена критикуваше дека актите на неговиот клиент и натаму се заклучени. „Поради тоа не знаеме какви истраги се водат против Дениз“, рече Ок.

Treffen Merkel mit Dilek Mayatürk Yücel
Меркел во разговор со сопругата на Дениз Јуџел, Дилек Мајатурк ЈуџелФотографија: Twitter/Steffen Seibert

Адвокатите на Јуџел поради продолжувањето на притворот се обратија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таму ноќеска истече рокот за турската влада да се изјасни за случајот. Тој рок меѓутоа може да се продолжи.