1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Украина почнаа прелиминарните разговори околу новата влада

28 март 2006

Украинскиот Претседател Виктор Јушченко денеска ја почна првата рунда прелиминарни разговори со партиските лидери околу формирањето нова влада, иако се‘ уште нема конечни резултати од изборите.

https://p.dw.com/p/Ac7l
Претседателот на државата Виктор Јушченко на неделното гласање
Претседателот на државата Виктор Јушченко на неделното гласањеФотографија: dpa-Report

По пребројувањето на три четвртини од гласовите и понатаму е во водство проруската Партија на регионите на Виктор Јанукович со околу 30% од гласовите, на второ Изборниот блок на Јулија Тимошенко со 22,4% и на трето Наша Украина на Претседателот Јушченко со 15,3 проценти.

Во рамките на денешните прелиминарни разговори Претседателот на државата Виктор Јушченко прво го прими досегашниот премиер Јури Јехануров, кој потекнува од истата партија „Наша Украина„. Веднаш потоа уследи разговорот со соборецот од портокаловата револуција и прва премиерка на украинската влада по мирната револуција, Јулија Тимошенко, која во меѓувреме беше сменета од функција поради неслога во портокаловиот табор. Добриот резултат на нејзниот изборен блок со повеќе од 22% му задава главоболки на Претседателот, бидејќи таа се профилира во иден мандатар на новата влада:

„Мислам дека кога Ангела Меркел победи на изборите во Германија, многумина не сакаа таа да стане канцеларка. Особено Герхард Шредер се чини дека не се снаоѓаше во новата ситуација. Но, тоа беше негов проблем, одлуката на народот беше сосема јасна„ – вели каризматичната Јулија Тимошенко.

Дали ваквата споредба со сегашната ситуација во нејзината земја и отпорите од Претседателот Јушченко се историски издржани ќе покаже времето. Но, она што остава простор за вакви споредби е меѓу другото и однесувањето на Јушченко, кој би требало поскромно да настапува, бидејќи вистинскиот губитник на неделните избори се всушност тој и неговата партија Наша Украина. Наместо тоа, од него доаѓаат само големо-државнички изјави:

„Нашиот народ одлично го положи испитот на демократијата. За прв пат во историјата на Украина имавме фер и демократски избори, кои им овозможија на луѓето слободно да ја изразат сопствената волја.„

Од партиските редови на Јушченко доаѓаат противречни сигнали. Таа ионака се состои од четири политички блока, кои сега се поделени околу насоката за формирање нова влада. Едните се залагаат за потпишување коалиционен договор со Јулија Тимошенко, како природен сојузник од времето на „портокаловата револуција„. Други пак се залагаат за коалицирање со поранешниот противник, Виктор Јанукович. На таквите најави од партијата Наша Украина, Јулија Тимошенко вели:

„Има обиди јавноста да се подготви на соработка меѓу Јушченко и Јанукович. Тоа се продава како голема коалиција меѓу Западот и Истокот. Но, таквата коалиција нема да води кон ништо!„