1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во чаршијата доаѓаат повторно „убави“ луѓе

5 јули 2010

Старата скопска чаршија се враќа во живот. Концептите за ревитализација на овој древен историски и културен простор на локалните власти почнаа да даваат резултати. Луѓето доаѓаат повторно да се одморат и забавуваат.

https://p.dw.com/p/O0tj
Фотографија: DW

Додека угостителите и златарите ги тријат рацете, задоволни од зголемениот промет, останатите стари занаетчии во чаршијата се незадоволни. Велат добро е што луѓето се вратија, но тоа го прават најчесто за забава во новите „ин“ места, а не заради купување добар костум, некој сувенир кај сарачите, рачно изработен музички инструмент... Во чаршијата се‘ уште се активни десетина занаети и тие едвај се одржуваат во живот. За жал, дел се веќе изумрени, како казанџиите, јорганџиите, метларите, чешларите, качарите, папуџиите....

„Имаше различни занаети, но се‘ си прави времето“, вели единствениот изработувач на музички инструменти во чаршијата Љубе Гиевски, кој предлага државата да размисли да ги помогне и нив преку субвенционирање на овие преостанати занаети во чаршијата ако не сака и тие да изумрат.

Stoffballen
Од шеесетината кројачки дуќани во златните 60-ти и 70-ти години на минатиот век, сега се останати само три-четириФотографија: AP

„Само крпачки работи“

Од шеесетината кројачки дуќани во горниот дел на чаршијата, речиси веднаш под црквата „Свети Спас“, во златните 60-ти и 70-ти години на минатиот век, сега се останати само три-четири вели стариот мајстор Џезми. Додека неговата „Сингерица“ везеше врз еден костум, мајстор Џезми со немоќен глас објаснува дека и на овој занает му се заканува истребување од овој историски простор бидејќи нелојалната конкуренција од Турција и Кина си го стори своето, а и младите не се заинетресирани да учат занаети.

„Јас сум 40 години шнајдер и работам само со стари муштерии, само крпачки работи“, вели чичко Џезми.

Слична е ситуацијата и со столарите. Мајстор Камбер е еден од двајцата преостанати во чаршијата.

„Од 60 столари во чаршијата останавме само двајца“, вели мајстор Камбер.

Тој самиот ги осмислил новите локали во чаршијата на иновативниот млад менаџер Пане Темов, кој по првиот локал-винарија, отворен минатата година, сега отвори и кафуле и рибен ресторан во кои е секогаш преполно со млади луѓе:

Handwerksbetrieb in Skopje
Старите мајстори се жалат, но и се надеваат на подобри времињаФотографија: Fatos Musliu

„Се враќа животот, во чаршијата доаѓаат убави луѓе, се прават добри журки“, вели вработениот во кафулето „Стар град“, едно од најпосетуваните локации во чаршијата.

Одиме во чаршија?

Уште позадоволни се во 60 години стариот ресторан „Турист“, каде везден има потреба од столче повеќе за да се седне во централниот дел на Чаршијата, веднаш до фонтаната. Келнерот Адемовиќ вели дека по повеќе од деценија луѓето се вратија во чаршијата за да уживаат.

„По една цела деценија се врати животот во чаршијата. Порано во 3-4 часот попладне се‘ беше пусто, мртво, а сега има луѓе“, вели овој средовечен човек и додава дека е среќен што полека се вратија и странците како посетители.

Она што е најбитно е дека луѓето сега доаѓаат без грч и уживаат во прошетките и јадењата во реласкирана ситуација, вели златарот Абдула, кој ни‘ раскажа за мал дел од историјата на овој простор до која дошол преку документи од турски архиви.

„И старата чаршија и сите објекти - цркви, џамии, бањи и улици ги граделе работници од сите вери, за сега никој да не може да каже ова е мое, туку тоа е на сите нас, тоа е наше. Чаршијата е наша“, вели Абдула.

Mazedonien Land und Leute Flagge
Чаршијата е на сите нас, вели АбдулаФотографија: Petr Stojanovski

„Ќе биде добро“

Како куриозитет може да служи податокот дека враќањето на интересот за чаршијата и доаѓањето на дел од „шемаџиите“ од центарот на градот во овој простор, веднаш ги крена цените на наемнините. Сега и најобичен дуќан со само неколку квадрати големина не можел да се најде под 500 евра кирија, а и покрај тоа интересот за доаѓање до поатрактивна локација бил огромен, ни‘ наведоа во Чаршијата.

Затоа чантарот Ферди отворено и со насмевка објаснува:

„Нека доаѓаат, ако јадат и пијат, потоа и ќе купуваат кај нас затоа ние сме тука да произведуваме. Битно е дека луѓето се враќаат и тоа е добро и добро ќе биде!“

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска