1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратата на ЕУ отворена за Турција и Хрватска, но во обата случаја условено

17 декември 2004

Турскиот премиер Ердоган не е согласен со условот Турција да мора да го признае Кипар. Хрватска мора целосно да соработува со Хашкиот трибунал. Самитот на шефовите на држави или на влади на Унијата во Брисел продолжи со работа. Се бара форма како да се надминат проблемите во врска со се‘ уште нерасчистените прашања.

https://p.dw.com/p/AcIy
Претседавачот со Советот на ЕУ Балкененде и германскиот канцелар Шредер
Претседавачот со Советот на ЕУ Балкененде и германскиот канцелар ШредерФотографија: AP

“Ние решивме да започнеме преговори со Турција и тоа од 3-ти октомври 2005-та година. Цел на преговорите треба да биде прием во Европската Унија, но нема гаранција. И, доколку овие преговори ќе водат кон тоа, да не биде можно членство во ЕУ, тогаш мора да биде обезбедено Турција сепак да биде закотвена во европските структури” – соопшти претседавачот со Советот на Унијата, холандскиот премиер Јан Петер Балкененде.

Ова е решение со далекусежно значење. Прашањето за местото на Турција во Европа беше спорно се‘ до последен момент. За прв пат една земја со доминантно муслиманска религија добива шанса за пристап кон ЕУ. Турција уште во 1963-та година потпиша Договор за асоцијација, кој уште тогаш и‘ отвори перспектива за прием во Унијата. Официјално барање за членство таа поднесе во 1987-ма година. Според дипломатски проценки, Турција најрано за 10 години може да смета на полноправно членство. Решението за почеток на преговори е условено со де факто признавање на Кипар од страна на Турција. Унијата очекува тоа да се случи пред почетокот на преговорите со Турција.

Турскиот премиер Ердоган не е согласен со условот поставен од ЕУ. Ноќеска во Брисел тој изјави дека се неопходни натамошни преговори, пред неговата влада да може да донесе решение во врска со понудата од Унијата. Претседавачот Балкененде во ноќешниот разговор не успеал да го убеди Ердоган да ја прифати така условената понуда. Изутрината се одржа уште една нивна средба, по која тие не дадоа никакви изјави, а поради тоа продолжението на самитот доцнеше половина час. Во кипарското прашање се очекува помош и од генералниот секретар на ОН Кофи Анан, кој денеска им се приклучува на учесниците на самитот. Неговиот план за повторно обединување на 30 години поделениот средоземноморски остров пропадна на референдумот во април годинава, кога го отфрлија жителите на грчкиот дел.

Германскиот канцелар Герхард Шредер, приврзеник за членство на Турција во Унијата, по донесувањето на синоќешното решение, го означи него како “историско”. Заклучокот од самитот бил “од огромно значење”. Шредер нагласи дека не треба да биде потценета и економската димензија, истакнувајќи дека Германија како најважен трговски партнер на Турција, ќе профитира од решението. “Преговорите секогаш не се лесни, но станува збор за преговори за прием на Турција и сметам дека ќе ги започнеме во 2005-та” – искажа увереност канцеларот.

Понудата е фер, смета претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо: “Вечерва ЕУ ја отвори својата врата за Турција со тоа што и‘ направи избалансирана понуда”.

Уште пред преговорите со Турција, веќе во април наредната година, ЕУ има намера да поведе преговори со Хрватска за нејзино пристапување кон Унијата. Но, предуслов е земјата целосно да соработува со Хашкиот трибунал за воени злосторства во некогашна Југославија. Тоа мора да биде потврдено пред почетокот на преговорите, се вели во предлог-заклучоците од самитот. Оваа формулација допрва треба да биде одобрена од учесниците на самитот. Хрватскиот премиер Иво Санадер синоќа ја вети бараната целосна соработка со Трибуналот. Неодамна главниот обвинител Карла дел Понте изрази сомневање во тоа. Главен проблем е барањето за израчување на хрватскиот генерал Анте Готовина, осомничен како воен злосторник.

Унијата уште искажа подготвеност за укинување на ембаргото за извоз на оружје во Кина, но тоа не би требало да води кон зголемување на извозот, се вели во предлог-заклучоците.