1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратите на ЕУ остануваат отворени за земјите од Балканот

Александар Чомовски25 септември 2006

Сојузната германска канцеларка Ангела Меркел јавно стави на знаење дека привременото запирање на проширувањето нема да се однесува на земјите од регионот на Балканот. Сличен став во Скопје изнесе и евро амбасадорот Ерван Фуере. Владините претставници во Македонија засега се свртуваат кон реформските приоритети зададени од Брисел.

https://p.dw.com/p/Ac2w
Фотографија: European Community

Македонија останува во игра за члeнство во ЕУ. Кога? Тoа зависи од домашните реформи. Владата вака ги прима и толкува последните изјави на врвните евро – политичари од Брисел и Берлин, на претседателот на комисјата на ЕУ Жозе Мануел Баросо и канцеларката на Германија Ангела Меркел. Нивните изјави не значат запирање на процесот на проширување туку дека Европа мора да ја реши уставната криза, оцени амбасадорот на ЕУ во Скопје Ерван Фуере. Тој денеска се обрати и со стимулативна изјава но традиционалната критика: на Македонија и се потребни побрзи реформи. „Европската унија очекува дека сите земји од Балкaнот би биле членки на Унијата. Мaкедонија има статус на кандидат со многу реформски обврски.“ кога ќе почнат преговорите за членство амбасадорот Фуере не определи.

Првите смирувачки тонови за неизвесноста дали Западен Балкан е заборавен стигнаа за време на викендот од македoнскиот премиер Никола Груевски, кој пред десетина денови беше во седиштето на ЕУ „Европската унија има криза по однос на проширувањето. Кај функционерите има чувство дека треба да се подзапре, дека не треба да се брза независно од тоа колку брзо ќе одат реформите. Но тоа е моментална ситуација. Ние мораме да бидеме оптимисти, ние мораме силно да ги продолжиме реформите и да ги забрзаме. Затоа што меѓу другото тие се незадоволни од тоа како одеа досега реформите во Македонија. Многу јасно ми кажаа во Брисел дека она што се случуваше во Македонија особено во последната година едноставно не испраќа сигнал дека Македонија сериозно си ја сфатила обврската.“

Евроминситерката Габриела Коневска Трајковска не очекува замрзнување на интегративните процеси на Балканот кон ЕУ. Таа денеска беше на конференцијата „ Кон Унијата заедно“ организиарана на скопскиот универзитет „Останува тоа дека критериумите нема да се менуваат што е добро за Република Македонија значи условите за пристапување се утврдени веќе со Копенхаген од 1993 година. Можно е само да има поголемо влијание на процесот на мониторинг односно засилување на процесот на мониторинг и на тие критериуми.“ рече Коневска Трајковска

Последните изјави за условување на проширувањето со уставната реформа во ЕУ не би требало да го иницираат евро – скептицизмот во Македонија засега, коментираат домашни и странски политичари во Скопје.