1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќањето на новинарството

29 септември 2018

Вистинскиот журнализам полека се созема од кризата во која го втурна дигиталниот свет. Кога луѓето плаќаат за содржината, тоа е поттик за новинарите да испорачаат квалитет. Колумна на Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/35eaC
ILA 2014
Фотографија: picture-alliance/ZB

Ако разговараме за Македонија тогаш тврдењето дека журнализмот се враќа по талкањето во загубените години може да изгледа претерано. За некого дури и претенциозно. Иако барем два примера го покажуваат спротивното – брзорастечкото влијание на новиот „Независен весник“ и амбициозната тотална програма на 1тв. Македонската новинарска заедница се обидува полека да се опорави од годините кога беше во страшното менгеме на суровоста на политиката и безмислосната на бизнисот. Изгледа запрепастувачки, но по 27 април (кога новинарите преку директниот пренос беа вистинските херои кои ја спасија државата да не потоне целосно во тоталитарен мрак) ситуацијата за журнализмот во овој момент е полоша од претходно. Новинарската заедница е девастирана, десетици квалитетни репортери ја напуштија професијата поради неподносливите услови за работа поврзани со мизерните плати. Го снема големиот притисок, а во исто време ги снема и издавачите кои се подготвени да инвестираат дел од своите средства за да бидат задоволени потребите на јавноста, а тие да остварат соодветен профит. Па, сепак, црното не е толку црно.

Заборавете на порталите кои се како модерни гештетнери, на кои се пренесуваат едни те исти вести, без проверка, со исти печатни грешки, со исти погрешни наводи. Земете го само како пример случајот кога во МАНУ тројца професори го објаснуваа Договорот од Преспа. Некој од оние што први ги објавија зборовите на професорот Владо Поповски ја ставија пред него титулата академик, а потоа речиси сите понатаму пренесуваа истата грешка, дека тој е академик - а не е - без да проверат. Ако ја земеме предвид целата какофонија од стриминзи и ужасната трка кој прв ќе ја објави веста која сите ја знаат (најмногу поради технолошките предности), лажните вести и навредите по социјалните мрежи, новинарството, сепак, постепено се консолидира, се обидува да ги фати загубените параметри, да отиде подалеку од веста и тоа е работа навистина достојна за почит. Со тоа што напорот да се помине барем половина пат до онаму каде што беше е поголем и поисцрпувачки.

Symbolbild Onlinejournalismus Online-Journalist
Фотографија: Fotolia

Дигиталните барони го спасуваат печатот

Многумина пред неколку години, без да се колебаат во ниту еден миг, беа подготвени да се кладат дека во времето на Твитер, Фејсбук, Вотсап традиционалните медиуми се на пат кон исчезнување. Особено во развиените дигитализирани општества. Но во еден драматичен пресврт дигиталните барони на денешнината станаа спасители на врвните традиционални медиуми. Пред десетина дена милијардерот Марк Бениоф, основач на софтверската сервисна компанија „Сеилсфорс“, заедно со неговата сопруга го купија прославениот американски магазин „Тајм“ за 190 милиони долари. „Тајм“ сѐ уште продава два милиони примероци неделно и работи профитабилно, а најмногу поради тоа што е осободен од притисокот да биде мал и да не зависи од милоста на Вол стрит тој и по 95 години излегување го задржа авторитетот на врвен медиум.

Оваа аквизиција на „Тајм“ е само последната во низата што се случија последниве години во Америка кога технолошката индустрија ги купува компаниите на традиционалните медиуми. Прво во 2012 година коосновачот на Фејсбук, Крис Хјуз, го купи магазинот „Њу рипаблик“, во 2013 Џеф Безос, сопственикот на „Амазон“ ја направи најспектакуларната зделка досега – го купи „Вашингтон пост“; вдовицата на Стив Џобс, Лорин Пауел Џобс, во 2017 година го откупи мнозинството акции во влијателниот магазин „Атлантик“, а биотехничкиот милијардер Патрик Сун-шионг годинава го купи „Лос Анџелес тајмс“. И овие зделки сигурно нема да бидат последни.

Што се случува во медиумската индустрија за технолошките титани да станат медиумски патрони и дали класичното новинарство треба да биде загрижено од нивните намери. Зошто дигиталната ера се појавува како спасител на печатеното минато? Некои од американските проучувачи на медиумите даваат едно извонредно објаснување – овие луѓе ги ценат традиционалните медиуми повеќе од новинарите кои работат во традиционалните медиуми. Технолошките барони го носат со себе она што на медиумската индустрија очајнички и треба – нови идеи. Случајот на „Вашингтон пост“ по влегувањето на Џеф Безос тоа најдобро го покажува. Исконскиот весник доби нова динамика и вработи сто нови репортери наместо да отпушта луѓе од редакцијата. Безос покажа дека експертизата што ја донесе со себе може многу да ѝ помогне на медиумската индустрија. И дека не се работи само за пари, туку за нови перспективи и нова умешност.

Годинашниот извештај на Институтот за студии на журнализмот на агенцијата Ројтерс ги покажува знаците на заздравување и умерениот опоравок на медиумите. Едно друго годишно истражување, на „Еделман траст барометар“, покажува уште подобри резултати – традиционалното новинарство и квалитетното онлајн известување е на највисока точка во последниве седум години. За индустријата која е базирана најмногу на довербата овие показатели значат вистински прогрес, па дури и враќање на „времето на експертите“.

Symbolbild Zeitung Handschuh
Фотографија: fotolia/oleksii sergieiev

Трендови кои водат кон опоравување

Истражувањето на институтот на Ројтерс во 40 земји покажува трендови кои фрлаат сенка врз фамата за доминатноста на социјалните мрежи. Оваа студија покажа дека само 23 отсто од испитаниците им веруваат на вестите што ги наоѓаат на социјалните медиуми, а само 34 отсто веруваат  во она што ќе го видат на изворите за пребарување. Во Америка, Британија и Франција за шест процентни поени паднала употребата на социјалните медиуми за потрага по вести. Овие бројки може да изгледаат мали, но предизвикуваат големи главоболки за технолошките гиганти како Гугл и Фејсбук, бидејќи се поврзани со намалувањето на довербата.

Во времето кога Фејсбук се бори против наездата на лажните профили кои продуцираат лажни вести и потклекнува, традиционалните медиуми го фаќаат чекорот. Сѐ поголем е бројот на луѓе кои плаќаат за дигиталните вести од мејнстрим медиумите – во нордиските земји таа бројка стигнува дури и до 30 отсто од анкетираните. Откако во Америка Доналд Трамп ја почна крстоносната војна против големите медиумски куќи, нарекувајќи ги „лажни вести“, тоа предизвика спротивен ефект. Бројот на претплатниците на најголемите весници, кои се и најмногу напаѓани, „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и магазинот „Њујоркер“, почна забрзано да расне. И на нивните печатени и на дигиталните изданија. Во 2016 само девет отсто од Американците плаќаа за вести онлајн, а по војната што ја почна Трамп, тој број во 2017 година се зголеми на 16 отсто, а и годинава остана стабилен. Со паметно смислените акции за донации и членство во клубот на весникот кое се добива со донациите некои од медиумите создадоа квалитетна алтернативна стратегија. Тоа беше особено успешно во примерот на лондонски „Гардијан“, а и со некои весници во Шпанија. Интересно е што ваквата алтернативна стратегија е особено плодна кај весниците кои припаѓаат на либералниот и левиот спектар на политиката, а најголем одѕив има кај младите читатели.

Претходни колумни од авторот: 

Апстиненцијална криза

Линија на раздвојување

Елитите и народот – кој кому му е потребен

Кога ќе се допрат границите

Еден од податоците од истражувањето на институтот на Ројтерс е особено интересен – оние кои имаат повисоко ниво на писменост за вестите ги преферираат весниците пред телевизијата, и се однесуваат многу повнимателно кон социјалните мрежи како извор на информации.

Дека во турбулентни времиња, кога вистината е напаѓана од врвовите на политиката, расте довербата во традиционалните медиуми, конкретно весниците, покажува и последниот случај во Италија. Најважната храна за популистите се лажните вести или полуинформациите кои политичарите можат непроверено да ги шират преку социјалните медиуми. Луиџи ди Мајо, важна фигура во италијанската популистичка влада и лидер на Движењето 5 ѕвезди, ги обвини весниците дека ја „загадуваат дебатата“ и се закани дека ќе ги повлече огласите од државните компании. „Весниците сега ја загадуваат јавната дебата секој ден и, што е најлошо, го прават тоа со јавни пари“, напиша вицепремиерот на Фејсбук. И најави дека во следниот буџет ќе бидат редуцирани индиректните државни придонеси. „Ние подготвуваме писмо до државните компании со кое ќе ги замолиме да престанат да плаќаат за весниците. Ова не е новинарство туку пропаганда која ги брани интересите на мала елита која сака да продолжи да контролира и кога врне и кога грее сонце. Весниците не сакаат да информираат, туку само да нѐ напаѓаат“, напиша ди Мајо.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

И Луиџи ди Мајо и вистинскиот политички лидер на Италија, министерот за внатрешни работи и водач на крајнодесничарската партија Лега, Матео Салвини, ја раководат земјата преку социјалните медиуми, по цел ден постирајќи видеа на Фејсбук и пораки на Твитер. На тој начин тие сакаат да им зборуваат директно на своите поддржувачи и да кажат што сакаат. Тиражите на весниците во Италија се генерално мали, луѓето главно се информираат преку телевизиите и социјалните мрежи, но квалитетниот журнализам за популистите е најголема опасност. Како што во коментар во „Ла република“ напиша прославениот новинар Езио Мауро: „Во светот на Ди Мајо весниците се напријатели, натрапници, паразити. Заканите на министерот го покажуваат неговиот страв од независното, слободното, плуралното и автономното јавно мислење“. Ди Мајо дури застана против најавената реформа предложена од Европската унија со закон да им се намалат правата на Гугл и Фејсбук да пренесуваат вести без надокнада на медиумите од каде што се преземени. Тој обвини дека тоа ќе била цензура. Само поради тоа што неговата политика се базира врз ширење на информациите преку социјалните мрежи, каде што е најлесно да се манипулира. И само поради тоа што весниците се критички кон потезите на новата влада.

Кога луѓето плаќаат за содржината тоа е поттик за новинарите да испорачаат квалитет. Тоа значи дека производот треба да биде вреден за парите, да ги провери фактите, да биде истражувачки, иновативен. Да биде поинаков од сето она што се појавува на социјалните платформи – евтина информација која предизвикува врева без оглед дали е точна и квалитетна.

Вистинскиот журнализам полека се созема од кризата во која го втурна дигиталниот свет без да сфати што навистина се случи. Сега треба посмело да зачекори. А тој чекор не е можен без работа која ќе биде потешка од порано, а целта треба да биде квалитетен и кредибилен производ. Се разбира, ништо нема да успее на подолг рок без финансиска издржливост. Како што важи за Америка или Германија, така важи и за Македонија.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар