1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќањето на шатлот „Дискавери“ на земјата одложено за 24 часа

8 август 2005

Американскиот шатл „Дискавери“, што требаше денеска да се врати на земјата, останува во кружна орбита во вселената на 360 километри оддалеченост од земјата. Густите облаци над космодромот Кејп Канаверал во сојзната држава Флорида се причина за решението на американската вселенска агенција НАСА да го одложи за еден ден враќањето на „Дискавери“.

https://p.dw.com/p/AcDV
„Дискавери“ кружи во вселената и чека на дозвола да се врати на земјата
„Дискавери“ кружи во вселената и чека на дозвола да се врати на земјатаФотографија: dpa

„Климатските услови не се стабилни, па за 24 часа го одложуваме вашето спуштање“ – им соопштија на астронаутите во „Дискавери“ од контролниот центар на НАСА. Американската вселенска агенција има време најдоцна до среда за да го одобри маневарот за враќање на „Дискавери“ – само дотогаш има доволно кислород, храна и вода на вселенскиот брод. Не постои опција - ниту е технички можно - за враќање на „Дискавери“ кон Меѓународната вселенска станица.

За утре има две можности за слетување во Кејп Канаверал – нешто по 11 или неколку минути пред 13 часот по средноевропско време. Доколку таму не се подобрат временските услови, има и алтернативи: две можности за слетување во базата на военото воздухопловство Едвардс на југот на Калифорнија, како и две во Вајт Сендс во Њу Мексико. Базата Едвардс во минатото почесто е користена за слетување на шатл, а Вајт Сендс само еднаш пред 23 години. НАСА преферира слетување во Кејп Канаверал, оти пренесувањето на шатлот од другите можни аеродроми во вселенскиот центар „Кенеди“ е поврзано со големи финансиски трошоци. Освен тоа, НАСА сепак не се откажала од идејата на 22-ри септември да го испрати во вселената шатлот „Атлантис“, но дотогаш „Дискавери“ мора исто така да биде подготвен за старт, оти е предвиден како спасувачки брод, доколку на „Атлантис“ се појават потешки проблеми. Слетување на друг аеродром би ја одложило целата операција за една недела.

Летот на „Дискавери“, прв по двеипол години пауза од катастрофата на шатлот „Колумбија“, кој поради оштетувања се распадна при влегувањето во земјината атмосфера, при што загинаа седум астронаути, досега се одвива со повеќе проблеми. Тие започнаа уште од пред стартот, кој беше одложуван. На самиот шатл беа вршени поправки во вселената и неговото враќање се очекува со посебна тензија. „Мислам дека ни е време да се вратиме дома, но овде горе си поминувам извонредно. Земјата е апсолутно прекрасна. За екипажот ова е искуство за цел живот. Работевме од се’ по малку и среќни сме поради тоа, но време е за враќање и повторно да си ги видиме семејствата, како и да се работи на подобрување на шатлот за негова подготовка да лета и во иднина“ – рече вчера командантот на мисијата Ајлин Колинс.

Германскиот астронаут Герхард Тиле е уверен дека „Дискавери“ успешно ќе се врати на земјата: „Не верувам дека оштетениот дел од изолационата обвивка претставува посебен ризик. Тоа е многу точно испитано и со тестови во аеродинамичен тунел, како и со други анализи. Ризикот го сметам за навистина минимален“ – вели Тиле.