1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врвни кадри од француските клупи

26 април 2010

Француското училиште ХЕЦ е приватно бизнис училиште. Веќе 125 години тука се образoваат врвните кадри за француските претпријатија. Во меѓувреме на бизнис-школата во Париз се образоваат се’ повеќе студенти од странство.

https://p.dw.com/p/N4Zu
Влезот во париската висока школа за економијаФотографија: HEC

130 хектари шума и вода, спортски игралишта и апартмани - сепак зелената, ритчеста населба недалеку од Версај не е место за одмор. Тоа е седиштето на високата школа за бизнис, накратко ХЕЦ, која според британскиот Фајненшл тајмс е најдобриот факултет за економисти во Европа. Диплома од овој факултет ги отвора вратите до раководните позиции во големите претпријатија и е сигурна влезница во кругот на врвните менаџери во меѓународни рамки, затоа што факултетот го бие добар глас во претпријатијата.

Ecole des Hautes Etudes Commerciales HEC in Paris
Капмус во природаФотографија: HEC

Блиски контакти со деловниот свет

Жан Пол Ларсон е професор по меѓународен менаџмент, и на високата школа за бизнис предава од 1969 година: „Иако факултетот има меѓународна ориентација и е свртен кон науката, негуваме блиски контакти и со деловниот свет. Предавањата ги дефинираме во тесна соработка со претпријатијата. Оној кој сака овде да добие диплома, во текот на студиите мора да оди на повеќе пракси во фирмите. Практичната димензија на образованието игра голема улога на нашата бизнис школа.“

Во тоа дека образованието на приватниот факултет за економија е силно ориентирано кон конкретните барања на пазарот се увери и Германката со грчко потекло Ксанти. „За тоа е потребно прилагодување“ вели 23 годишната девојка, која претходно студирала економија и политика на Лондонската школа за економија. „Беше голема промена доаѓањето овде. На почетокот имав проблеми со начинот на учење. Ако споредам со факултетот претходно: Лондонската школа повеќе става акцент на академскиот, научниот аспект. Овде се полага на што поголем тренинг за работното секојдневие.“

Ecole des Hautes Etudes Commerciales HEC in Paris
На предавањеФотографија: HEC

За Ксанти ваквиот пристап на парискиот факултет сепак носи предности: „Мрежата што ја има ХЕЦ е навистина изворедна. Среќаваме многу интересни луѓе. Уште во првите неколку недели откако дојдов се одржаа повеќе средби важни за кариерата. На нив можеше да се воспостават контакти со поранешни студенти од факултетот. Тие сега работат во претпријатијата и ни дозволуваат да се јавиме кај нив и да им поставиме прашања.“

Студентите имаат големи знаења

Чарли има 26 години и е студент од САД. На факултетот во Париз е втора година. Ја одбрал оваа високо- образовна институција токму поради тоа што е високо рангирана во меѓународни рамки: „Она што ме изненади е што академското ниво на ХЕЦ воопшто не е високо. Во САД на пример се бара повеќе. Но, студентите овде се навистина многу, многу добри. Дојдов до заклучок дека интересните работи ги дознавам преку студентите, не само преку наставата.“

Ecole des Hautes Etudes Commerciales HEC in Paris
Една од зградите каде што се одвиваат предавањатаФотографија: HEC

Андреа во Париз дојде од Универзитетот во Берлин. 22 годишната Германка вели: „Она што мислам дека е добро, е тоа што предавањата се нудат како на француски, така и на англиски јазик, така што може да се бира, и да се изучуваат и двата јазика. Но, мислам дека е хендикеп што студентите од странство се сместени на едно место, така што немаат контакт со француските студенти.“

Студентите минуваат низ строг приемен испит

Класичните студии на високата школа за економија траат три години. Но, оној кој сака да студира во Париз мора да мине низ строг приемен испит. Не само што се бараат добри оценки по завршувањето на бечелор студиите, туку и солиден личен профил. Условите важат и за студентите од странство, кои во меѓувреме сочинуваат речиси 40 проценти од сите студенти на Факултетот по економија во Париз. Ирис Ритер одговорна за меѓунардони односи на факултетот вели: „Се разбира имаме строги услови за прием на странските студенти. Тие мораат да го положат приемниот тест за менаџмент, потоа следи индивидуелен разговор со нив, а ги преиспитуваме и нивните оценки од бечелор дипломата. Врз основа на тие параментри се прави рангирање. Најдобрите 100 студенти добиваат стипендија. Првите добиваат повеќе од последните. Стипендиите за странците изнесуваат и до половина од партиципацијата.“

Ecole des Hautes Etudes Commerciales HEC in Paris
Фоајето на факултетотФотографија: HEC

Високоата школа за економија во Париз е приватен факултет. Се финансира од два извора: од пари на француската Индустриска и трговска комора и од партиципацијата на студентите. Европските студенти плаќаат 12 илјади евра годишно, а оние што доаѓаат надвор од Европа по 16 илјади евра. Во оваа сума не се вклучени трошоците за јадење и сместување на кампусот. За тоа на студентите им се потребни дополнителни 4.000 евра годишно. Покрај можноста за добивање стипендија, студентите можат да заработат малку пари и работејќи во кампусот.

Ecole des Hautes Etudes Commerciales HEC in Paris
ХЕЦ ПаризФотографија: HEC

Автор: Маргит Хилман/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска