1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Времето не оди во полза на францускиот „нон-пејпер“

Ненад Крајцер
19 ноември 2019

Францускиот предлог за реформа на процесот на проширување на ЕУ, за кој треба да се расправа на денешниот министерски состанок на ЕУ, не носи ништо ново, а би го забавил процесот на проширување, велат во Берлин.

https://p.dw.com/p/3THhM
Puzzle mit Flaggen von EU-Ländern
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/McPhoto

„Реформските предлози на француската влада кои се однесуваат на методологијата на проширување на ЕУ ни се познати. Ние сме отворени за разговори кои би воделе кон подобрување на процесот на пристапување, но само ако тоа не води кон дополнително одложување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Оваа цел министерот за надворешни работи Хајко Мас ја потврди уште еднаш за време на неговата посета на Северна Македонија минатата среда. ЕУ сега мора да го одржи зборот, зашто предусловите за почеток на преговори се исполнети. Продолжувањето на успешната ЕУ-политика на пристапување и долгорочниот стабилен развој на Западниот Балкан се наш стратешки интерес.“

Ова стои во одговорот на германското Министерство за надворешно работи испратен на барањето на ДВ за коментар на францускиот предлог за реформа на преговарачкиот процес кој се води со земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ. Предлогот кој денеска би требало да биде разгледан на министерскиот состанок на ЕУ веќе наиде на остри критики меѓу ЕУ-дипломатите и аналитичарите.

Deutschland Auswärtiges Amt in Berlin
Отворени сме за разговори, но само ако тоа не води кон дополнително одложување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, се вели од германското МНРФотографија: picture-alliance/imagebroker/S. Grassegger

Париз не сака да биде „кочничар“

Душан Рељиќ, директор на бирселската канцеларија на германската Фондација Наука и политика, смета дека надворешнополитичкиот документ кој на европските државници им го пласираше Елисејската палата е обид да се намали штетата настаната со одбивањето за давање зелено светло за пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. „Очигледно е дека Париз е изненаден од жестоката критика дека се кочи процесот на проширување. Критики доаѓаа од сите страни и главно се сведуваа на оценката 'катастрофална грешка’'', вели Рељиќ за ДВ и додава: „Се гледа дека овој документ е пишуван брзоплето и без промислување. Изгледа дека единствена причина за неговото постоење е да се покаже дека Франција не е само сопирачка на процесот на проширување, туку дека делува конструктивно на овој план“, заклучува Рељиќ.

Тој исто така смета дека„нон-пејперот“ ја игнорира најважната работа кога станува збор за Западен Балкан, а тоа е економскиот развој. „Нон-пејперот сосема ја изостава социоекономската состојба на регионот. Масовното иселување ќе доведе до тоа во земјите да останат сиромашните и олигарсите. Слојот којшто е неопходен за во едно општество да бидат спроведени реформи на кои инсистира 'нон-пејперот' воопшто нема да постои во регионот“, песимистичен е Рељиќ.

Dusan Reljic SWP
Рељиќ: Се гледа дека овој документ е пишуван брзоплетоФотографија: CIFE

Нема време за долготрајни реформи

За него одлучувачки фактор е и прашањето на време кое би било потрошено на воведувањето промени кои ги предлага Франција. Драгоцено време, во текот на кое нема да се случува ништо по прашањето на проширување, а земјите од регионот на Западен Балкан уште повеќе ќе каскаат зад Европа.

Авторите на „нон-пејперот“, вели Рељиќ, го занемаруваат и ЕУ-апаратот кој со години управува со преговорите и системот на проширување.

Неговите зборови ги потврдува и неименуван дипломатски извор во Европската комисија, кој смета дека нема баш претерана логика да се менува сегашниот пристапен процес. „Преговарачкиот механизам стои на солидни темели и јасни принципи, како Копенхашките критериуми, кои никој не ги доведува во прашање“, вели овој извор. И порталот Политико цитира ЕУ-дипломат кој смета дека во францускиот документ е видлива желбата за максимално забавување на целиот процес на проширување.

Рељиќ е воздржан околу тврдењата на некои медиуми дека францускиот документ е излегување пресрет на Берлин. „Ни во Германија нема некој ентузијазам кога станува збор за проширувањето. Берлин е исклучиво лут поради блокадата на преговорите со Северна Македонија, која стори многу согласувајќи се со промена на името, а за возврат не доби ништо. На крајот на краиштата, и во Германија имаше отпор за давање зелено светло за преговори со Албанија“, заклучува Рељиќ.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во минатонеделното интервју за ДВ најави дека со француската страна ќе се разговара за тоа како да се реформира процесот, а да не се загрози проширувањето.

Marko Kmezic
Кмезиќ: Нереално е да се очекува дека „нон-пејперот“ ќе биде усвоен до почетокот на наредната годинаФотографија: Medija centar Beograd

Не треба да се губи драгоцено време

Наспроти претежно негативниот прием на францускиот документ, аналитичарот од катедрата за ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Марко Кмезиќ, смета дека „нон-пејперот“ содржи и некои позитивни елементи, но на мислење е и дека е непотребно да се менува сагашната форма на пристапниот процес и на тој начин да се губи драгоцено време. Тој смета дека е нереално овој „нон-пејпер“, како што е најавено, да биде усвоен до почетокот на наредната година. Релативно позитивната реакција во Србија на францускиот импулс, според Кмезиќ, се должи на досегашната песимистичка амтосфера. „Мислам дека релативно позитивните реакции во Србија се одраз на задоволство што воопшто нешто се поместува од мртва точка и добредојдено освежување по песимистичкото расположение кое настана по француската блокада на Албанија и Северна Македонија“, смета Кмезиќ.