1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Времето не отчукува подеднакво за Македонија и за Грција

7 февруари 2009

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски ја обвини владата дека презема потези со кои го урива сопствениот меѓународен углед, како инсистирањето на антички симболи.

https://p.dw.com/p/GpAh
Бранко ЦрвенковскиФотографија: Petr Stojanovski

Во интервју за ТВ А1 во врска со спорот со Грција Црвенковски изјави:

“Јас се согласувам дека сите изјави кои што доаѓаат од Атина се ригидни, непопустливи и не ветуваат, значи не оставаат место за оптимизам, дека е можен некаков фер компромис. Меѓутоа ние не можеме да бидеме на чисто до каде ќе оди со таа цврста политика, Грција, ако не влеземе во реални преговори, единствен начин да ја извадиме на површина, на чистина, е да преговараме и да видиме дали нивната почетна позиција ќе биде и крајна или се работи само за тактика во преговорите. На крајот на краиштата ние тоа треба да го направиме не заради Грција, не заради тоа што така ни советуваат од Вашингтон или од Брисел, туку заради нашите сопствени интереси. Наш интерес е интерес на нашите граѓани, иднината на нашите деца ќе биде подобра ако станеме дел од ЕУ и НАТО алијансата. Времето не отчукува подеднакво за Грција и за Македонија, за нас е многу послабо.

Знам дека ако од наша страна се даде максимум, а на крајот не се успее бидејќи Грција има непопустлив став, нашата совест ќе биде чиста, од една страна не ќе можеме да си префрламе дека заради наша грешка сме ја изолирале земјата и сме ја оставиле надвор од глобалниот тренд којшто го прифаќаат сите околу нас, и втора работа, меѓународна заедница барем ќе може да процени дека компромис не е можен заради грчките позиции. Во овој момент, гледано од позициите на Вашингтон, Брисел, Берлин или било која европска престолнина, нивната оценка е дека се работи за две подеднакво непопустливи страни.

Грците бараат едно име со географска одредница за сите употреби, не сакаме да разговараме за идентитетот, ние викаме двојна формула. Тука уште повеќе, ако се додадат оние потези што ги направивме пред Нова година, ја би ги нарекол на глупост да одговориш со две глупости, значи на некоја провокација од Грција да наседнеме и да правиме дополнителни грешки, како што беше именувањето на автопатот, именувањето на стадионот, именувањето на неизграден аеродром, значи потези од коишто ние немаме никаква корист, а од друга страна имаме голема штета, бидејќи го уриваме сопствениот меѓународен углед.

Опасност за внатрешните односи

Црвенковски во одолговлекувањето на решавањето на спорот со името и во пролонгирањето на приемот во НАТО и во ЕУ гледа опасност и по внатрешните односи во Македонија:

„Постои можност во еден одреден момент, а дека такво нешто може да се случи ни говорат и одредени изјави коишто доаѓаат од различни политички партии на Албанците во Македонија во овој период, и како што гледам никој сериозно не ги сфаќа, а најмалку Владата, а тоа е дека во еден момент, политичките претставници на Албанците во Македонија можат да излезат со следниот став, ние не сакаме да ја ризикуваме нашата европска или евро-атлантска иднина заради вашите битки околу античка Македонија, тоа е ваша битка, тоа не е битка во која ние сакаме да учествуваме и не сакаме да ја платиме цената за такво нешто. Видете, јас ниту го посакувам тоа, нити пак би се согласил со еден таков став. Меѓутоа, предупредува дека таква опасност постои и токму заради тоа треба благовремено превентивно да се делува,“ вели Црвенковски во интервју за А1.