1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врховниот суд му дозволи на Трамп изградба на ѕид

ЕМФ /агенции
27 јули 2019

Најважното предизборно ветување на американскиот претседател Трамп беше - изградба на ѕид кон Мексико, по секоја цена. Демократите го спречуваа тоа долго време. Сега Врховниот суд донесе одлука во полза на Трамп.

https://p.dw.com/p/3Monu
Symbolbild Grenze USA - Mexiko
Фотографија: Reuters/J. Luis Gonzalez

Американскиот претседател Доналд Трамп извојува победа пред суд во врска со изградбата на ѕид кон Мексико. Врховниот суд во САД го отвори патот за изградба на ѕид, односно одлучи дека владата за таа цел може да троши пари од Министерството за одбрана. Трамп на Твитер напиша дека одлуката е „голема ПОБЕДА за граничната безбедност и владеењето на правото“.

Правниот спор продолжува

Сојузен судија во Калифорнија во мај одлучи дека Трамп не смее да користи средства за ѕидот додека тие не бидат одобрени од страна на Кoнгресот. Потоа повисока судска инстанца ја потврди таквата одлука, односно пресуди дека владата не смее да посегне по пари за ѕидот додека е во тек судскиот спор, Врховниот суд сега даде зелено светло за финансиските средства, иако судскиот спор се’ уште трае. Притоа, погодени се деловите од границата кај сојузните држави Аризона, Калифорнија и Ново Мексико.

Поради тоа што Конгресот одби да даде пари за изградба на ѕидот, Трамп имаше намера да посегне по 2,5 милијарди американски долари од буџетот на Министерството за одбрана. Изградбата на ѕидот е едно од централните предизборни ветувања на Трамп. Тој аргументира дека само со ѕидот можело да се спречи илегално преминување на границата, дрога, шверц на луѓе и продор на криминални банди. Останатиот дел од границата, како што вели американскиот претседател, нема потреба од ѕид, затоа што е заштитен од природни бариери, како реки.

Плановите на Трамп се многу спорни. Повеќе организации и американски сојузни држави имаат поднесено тужби. Врховниот суд сега одлучи дека во моментов има „доволно“ докази за тоа дека групите не можат да ја оспоруваат употребата на парите. Петмина конзервативни судии во Врховниот суд гласаа за деблокирање на парите за ѕид. Четворица либерални судии беа против.

Спорот околу парите на крајот на претходната и почетокот на оваа година доведе до петнеделна блокада на американскиот сојузен буџет и предизвика делумно затворање на сојузни институции. Тоа беше најдолгиот „шатдаун“ во историјата на САД.