1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втората експертиза го оценува Брејвик за пресметлив

АТ/ дапд/ миа10 април 2012

Само неколку денови пред почетокот на процесот против норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик, втората психијатриска експертиза оцени дека тој е кривично-правно пресметлив.

https://p.dw.com/p/14aIj
Фотографија: AP

Норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик е кривично-правно пресметлив и доколку би бил осуден може да издржува затворска казна, се констатира во второто психијатриско испитување, чии заклучоци денеска беа презентирани во Осло. Во извештајот се вели дека 33 годишниот Брејвик е душевно здрав и истовремено се тврди дека тој „не бил психотичен при извршувањето на кривичните дела“.

Судот во Осло наложи да биде изработена втора психијатриска експертиза, откако во првата беше дијагностицирано дека 33 годишниот Брејвик има параноидна шизофренија.

Брејвик го призна двојниот напад на 22 јули минатата година на островот Утоја и во Осло, кога животот го загубија 77 лица, но од правен аспект се смета за невин.

На 16 април треба да почне процесот против Брејвик и се проценува дека тој ќе трае десет седмици. Притоа в предив ќе бидат земени и двете експертизи. Доколку судот во пресудата оцени дека во моментот на извршување на делото Брејвик не бил душевно здрав, ќе значи дека нема да може да биде казнет и наместо в затвор ќе заврши во затворена психијатриска клиника.

Адвокатот на Брејвик по објавувањето на резултатите од првата експертиза изјави дека неговиот мандант себеси се смета за пресметлив. Брејвик смета дека во психијатриска клиника е „полошо од смрт“. Брејвик, во писмо до норвешките медиуми, ги обвини за лага психијатрите кои ја изработија првата експертиза. Тие, според Брејвик, измислиле 80 проценти од неговите изјави, се вели во писмото, од кое делови објави норвешкот весник „ВГ“.