1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втора победа на Германија, прв бод за Македонија

7 декември 2005

Денеска на Светското првенство во ракомет за жени во Санкт Петерсбург Германија игра со Данска, а Македонија со Аргентина

https://p.dw.com/p/Aejq

Репрезентацијата на Германија во второто коло ја совлада Австрија со 34 спрема 27 и заедно со Данска, која забележа победа над Брегот на слоновата коска со 42 спрема 21, води на табелата во Ц-групата. Обете екипи имаат по 4 бодови и денеска им претстои меѓусебниот дуел. Вчера Бразил ја победи Полска со 34 спрема 31.

Македонија во Д-групата одигра нерешени против Украина 29 спрема 29. За разлика од првиот натпревар, кога Македонија на полувремето водеше против Франција до 4 голови разлика, но на крајот беше поразена, овој пат Украинките по првиот дел имаа предност од 5 голови – 17 спрема 12, а македонските претставнички успеаја да стигнат до изедначување. Денеска Македонија може да се надева и на првата победа на ова првенство - се среќава со Аргентина, која загуби од Франција со 33 спрема 11. Во рамките на оваа група во второто коло Романија го победи Камерун со 50 спрема 19.

Во А-групата Русија убедливо ја совлада Кина со 36 спрема 20, а втора победа забележа и Холандија 29 спрема 8 против Уругвај. Први бодови освои Хрватска со тесната победа против Јапонија со 31 спрема 30. Водат Русија и Холандија со по 4 бодови.

Унгарија и Словенија по двете одиграни кола водат во Б-групата со по 4 бодови. Унгарија ја совлада Ангола со 34 спрема 30, а Словенија имаше лесна работа во дуелот со Австралија – резултатот е 41 спрема 13. Во дуел од оваа група олимпискиот вицешампион Јужна Кореја забележа победа против европскиот првак Норвешка со 30 спрема 25.