1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор атомски тест на Северна Кореја, општа осуда

25 мај 2009

Светот ја осуди нуклераната проба што ја изврши Северна Кореја. Меѓународната заедница размислува за консеквенции и санкции. Против Пјонгјанг се свртија и Русија и Кина.

https://p.dw.com/p/Hwv3
Протести во Сеул поради потегот на ПјонгјангФотографија: AP

Властите во Пјонгјанг не ја исклучуваат можноста за нови атомски проби, ако САД продолжат со политиката на заплашување кон Северна Кореја.

Државните медиуми соопштија дека Северна Кореја го изведе атомскиот подземен тест заради јакнење на самоодбраната.

Експлозијата овојпат била посилна отколку при првиот атомски тест на комунистичката земја, во октомври 2006 година. Руското министерство за одбрана ги потврди наводите на Пјонгјанг. Експлозијата имала сила од 10 до 20 килотони, изјави негов портпарол за агенцијата Интерфакс. Детонацијата била регистрирана на околу 80 километри северозападно од градот Килху во североисточниот дел на земјата. Сеизмолозите во САД зборуваат за земјотрес со јачина од 4,7 степени, кој е веројатно предизвикан од атомската проба на Северна Кореја.

Покрај нуклеарниот тест, комунистичката држава веројатно извршила тестирење и на ракета од краток дострел.

Nordkorea Kurzstreckenrakete Test
Во април Северна Кореја лансираше ракета со краток дострелФотографија: AP

Критики од сите страни за атомскиот тест на Северна Кореја

Советот за безбедност на ОН, според руски извори, уште денеска ќе се состане на итна седница за да расправа за тестот на атомско оружје, што го изврши Северна Кореја. Русија во моментов заседава со Советот за безбедност на ОН. Американскиот претседател Барак Обама изрази длабока загриженост поради нуклеарната проба, се вели во соопштението од Белата куќа: „Обидот на Северна Кореја да развие нуклеарно оружје, како и програмата за балистички ракети, е закана за меѓународниот мир и стабилност. Тоа е грубо непочитување на Советот за безбедност на ОН. Однесувањето на Сверна Кореја ги зголемува тензиите и ја поткопува стабилноста во североисточна Азија,“ се вели во соопштението.

Владата на Јужна Кореја за денеска закажа итна седница на кризниот штаб и издаде налог за зголемена борбена готовност на армијата. Јапонската влада исто така формираше кризен штаб за следење на ситуацијата со нуклеарната проба на Северна Кореја.

ЕУ исто така остро го осуди потегот на Пјонгјанг

„Ова неодговорно однесување оправдува тврд одговор на меѓународната заедница“, се вели во соопштението на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана во Брисел.

И Франција остро го осуди нуклеарниот тест на Северна Кореја и како реакција на него побара воведување поостри санкции. Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер изјави дека Париз веќе се советува со своите партнери на оваа тема.

По критиките што Советот за безбедност на ОН ги упати до Северна Кореја, поради лансирањето на ракета од голем дострел на почетокот на април, Пјонгјанг уште тогаш се закани со второ нуклеарно тестирање и ги прекина шестпартитните преговори за откажување од атомската програма.

Автор: ЖА/АТ/дпа/ројтерс/афп/дв

Редактор: Александра Трајковска