1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор круг избори во северна Косовска Митровица

ЕМФ/макфакс/бета18 ноември 2013

Градоначалникот на северна Косовска Митровица не е избран на повторениот прв круг од локалните избори, покажуваат неофицијалните резултати од повторените избори во северниот дел од градот, каде 90% од населението се Срби

https://p.dw.com/p/1AKHt
Фотографија: Sasa Djordjevic/AFP/Getty Images

Во вториот круг на изборите за градоначалник на северна Косовска Митровица, кој ќе се одржи на 1 декември, влегоа носителот на листата Граѓанска иницијатива „Слобода – Демократија – Правда“, Оливер Ивановиќ и кандидатот на Граѓанската иницијатива „Српска“, којашто ја поддржува официјален Белград, Крстимир Пантиќ, покажаа прелиминарните резултати на Централната изборна комисија на Косово. Според тие резултати, Пантиќ освоил 2.173 гласови, или 36,89%, додека Ивановиќ добил 1.670 гласови, или 28,35 гласови. Пантиќ за агенцијата Танјуг изјави дека не ги признава резултатите и ја обвини Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) и меѓународната заедница дека сакаат да ги „украдат гласовите на оваа листа“.

Изборите во северниот дел од Косовска Митровица беа повторени, бидејќи на 3-ти ноември, во првиот круг од локалните избори на Косово, дојде до инциденти во кои беа скршени гласачките кутии и беше уништен дел од избирачкиот материјал, по што гласањето беше прекинато.

„Како кандидат не можам и нема да ги прифатам овие резултати, без разлика што убедливо го победив Оливер Ивановиќ. Знам дека имавме многу повеќе гласови и едноставно не можам да се помирам со фактот дека на 3-ти ноември бевме спречувани од една група луѓе при излегувањето на избирачките места, а дека сега, кога државата направи сe‘ и создаде услови Србите слободно и мирно да ја изразат својата волја, ОБСЕ и меѓународната заедница да нe‘ искрадат“, изјави Пантиќ.

Wahlen in Kosovo November 2013
Својот глас вчера го дале 5.231 гласачиФотографија: SASA DJORDJEVIC/AFP/Getty Images

На повторните избори во трите избирачки центри со вкупно 27 гласачки места во северниот дел од Косовска Митровица, од вкупно 23.378 гласачи, вчера (17.11.) гласале 5.231, или 22,38 отсто. Пребројувањето на гласовите започна во неделата доцна навечер откако гласачките кутии од Косовска Митровица, по инсистирање на ОБСЕ, беа пренесени во т.н. Центар за пребројување на гласовите во Косово Поле. И Пантиќ и Ивановиќ по затворањето на избирачките места протестираа што гласачкиот материјал не се пребројува во Косовска Митровица, а откако станаа познати прелиминарните резултати, Пантиќ истакна дека нема да ги признае.

Кандидатот на Граѓанската иницијатива СДП Оливер Ивановиќ ги отфрли обвинувањата на Пантиќ и својот противкандидат го нарече „манипулатор“. Според Ивановиќ, и СДП била против одлуката на ОБСЕ за броење на гласовите на Косово Поле, но тој тоа не можел да го спречи.