1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вчера фунтата, денес доларот, а утре јуанот?

Франк Зирен / Зоран Јордановски31 јули 2014

По повод 70-годишнината од собирот во Бретон Вудс, Американците треба внимателно да фрлат поглед во светската финансиска историја. Од неа би можеле многу да научат за падот што и’ се заканува на нивната валута - доларот.

https://p.dw.com/p/1Cmk3
Фотографија: imago/Birgit Koch

Американскиот долар токму ја слави 70-годишнината како се’ уште неспорна водечка валута на светот. Но, во Вашингтон не би требало да е преголема радоста поради тоа, оти тој настан раскажува за најдобрите времиња на американскиот долар. По 7 децении, тие постепено одат кон крајот. Историски тоа не би било ништо необично. Додуша, политичарите кои контролираа некоја светска валута, веруваа дека тоа вечно така ќе оди. Но, просечното „траење“ на една валута како светска фактички изнесува меѓу 80 и речиси 100 години.

Од сосем слични причини како САД тогаш, сега Кина е на пат со јуанот да го преземе местото на доларот. Пред 70 години Американците дефинитивно ја потиснаа британската фунта во полза на својот долар. Непосредно пред крајот на војната тие веќе беа толку моќни, што можеа да определат каде ќе се одржи конференцијата во јуни 1944-та. Министрите за финансии и шефовите на емисионите банки од 44 земји се состанаа не во Лондон, туку во Бретон Вудс, во американската сојузна држава Њу Хемпшир. Стануваше збор за нов меѓународен монетарен поредок. Британците тогаш го потценија фактот дека и самиот избор на местото го навестуваше исходот на конференцијата. „На свој терен“ Американците можеа да извршат притисок. Светот, по две светски војни и една светска финансиска криза помеѓу, економски и финансиско-политички стоеше пред куп од урнатини. Државите одамна се простија од таканаречениот „златен стандард“, односно нивните валути веќе не беа цврсто врзани за вредноста на златото. Конечно, тие ги финансираа двете војни со печатење пари и мораа свесно да калкулираат со високи стапки на инфлација. А Британците беа задолжени „до гуша“ кај Американците.

Кејнс против Вајт

Британците го испратија Џон Мајнард Кејнс, фактички, иако не и формално, министер за финансии на Велика Британија. Веќе тогаш тој беше најпрочуен светски економист. Тој имаше добри, умни аргументи против американската позиција. Но, на конференцијата, како и често во политиката, не се пресудни подобрите аргументи, туку кој е помоќен.

Британскиот отпор и паролите да се истрае на премиерот Винстон Черчил навистина решавачки придонесоа за претстојната победа на сојузниците, но тоа веќе не играше никаква улога. Американците првенствено сакаа да обезбедат да замине во историјата улогата на Британија како светска сила. А Хери Декстер Вајт, државен секретар во американското министерство за финансии, противиграчот на Кејнс, беше доволно моќен за да го протурка тоа. Во тоа време многумина политичари во Лондон се надеваа дека по Втората светска војна британската фунта, а со тоа и империјата, повторно ќе доживее подем. Но повеќе од 50 проценти од севкупното светско производство доаѓаа од САД, чија економија не беше изложена на бомбардирања. Американците имаа најнапредна армија, имаа атомски бомби. Британците имаа сјај и слава, но економија во застој и висока задолженост кај Американците. Поради тоа Американците лесно ги наметнаа своите идеи за еден нов светски финансиски поредок. Сите валути беа врзани за една утврдена цена на американскиот долар, кој пак остана врзан за „златниот стандард“. Британците добија толку неповолен курс за фунтата, што нивното извозно стопанство по војната речиси ја загуби конкурентноста на меѓународен план. Германците добија многу поволен курс.

USA Finanzmärkte Geschichte Bretton Woods Abkommen 1944
Средбата во Бретон ВудсФотографија: AP

Судија и играч истовремено

Тоа е една од тајните на германското економско чудо. Американците можеа да бидат широкогради спрема Германија: колку и да биде Германија успешна, Германците, поразени и ослободени од сојузниците, никогаш не би и’ го оспориле на САД статусот на светска сила и нивната валута не би играла таква извонредна улога. Германија беше премала за тоа.

Американците, напротив, како сопственици на водечката валута, можеа да печатат толку долари, колку што сакаа. Тие беа во исто време и играч, и судија. Во тоа ништо не се промени ни во 1971 година, кога тогашниот американски претседател Ричард Никсон го укина врзувањето на доларот за „златниот стандард“. Американците и натаму можеа повеќе да трошат, отколку што произведуваа и за тоа да позајмуваат пари во странство. Нивниот долар одамна ја зацврсти позицијата како светска валута. До денес 87 проценти од сите трансакции на монетарниот пазар „тежок“ илјадници милијарди се одвиваат во долари, а 60 проценти од светските валутни резерви се’ уште се чуваат во долари.

Кина ги доведува САД во дефанзива

Но, со подемот на Кина Американците западнаа исто така незабележително во дефанзива, како некогаш Британците. Во меѓувреме Кинезите се најголеми доверители на Американците, чија економија и натаму е заглавена во големи структурни проблеми. Финансиската криза во 2008 година настана првенствено поради себепреценување, кое е типично за светски сили, чија валута долго време е и водечка во светот. По 2008 години не само Кинезите, туку и многу европски држави побараа нов Бретон Вудс, значи заеднички наднационални правила на играта. Вашингтон успеа да го отфрли тоа, но само делумно.

Frank Sieren Kolumnist Handelsblatt Bestseller Autor China
Франк Зирен, колумнистФотографија: Frank Sieren

Најдоцна кога на финансиските пазари повторно ќе дојде до тресок во слична форма, ќе биде многу веројатно дека ќе мора да се постигне нов договор. За тоа, во секој случај, веќе никому не му е потребна војна како пред 70 години. Слично како Британците во 40-тите години на минатиот век, тогаш Американците ќе бидат во дефанзива. Тој вакуум на моќ ќе го искористат Кинезите, додека Еропејците се зафатени со самите себе си.

Банката на БРИКС-државите пандан на Светската банка

Веќе постојат поволни околности за некој новодојден, како што постоеја и во времето на Бретон Вудс: економијата на актуелната светска сила е трајно заслабната, таа е многу задолжена кај оние кои просперираат, си ја преценува својата сила, а просперитетните немаат сериозен конкурент. Во овој случај особено е битно и дека важни трети земји толку многу страдаа поради недостатоците на светот на доларот, што се отворени за промени.

Кинезите, заедно со другите сили во подем - Бразил, Русија, Индија и Јужноафриканската Република, токму демонстрираа дека се расположени за создавање глобален финансиски поредок - не според правилата на Западот, туку според свои сопствени. Тие кон средината на јули заеднички основаа БРИКС-банка и сопствен монетарен фонд како пандан на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои досега имаа монопол за доделување поволни кредити на земји разнишани од војна. Истовремено, Пекинг се’ повеќе склучува договори со азиски и јужноамерикански земји, но и со Русија, за трговија без американски долари. Со тоа Пекинг постепено се доведува во ситуација во која по многу мали пробиви се исплати еден ненадеен напад. Слично како и Американците тогаш во Бретон Вудс.

Авторот на текстот, ДВ-колумнистот Франк Зирен, живее 20 години во Пекинг