1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Габриеле Минтер и Василиј Кандински

19 октомври 2020

Вистинско чудо е кога несреќната љубов станува среќа за историјата на уметноста. Такво чудо доживеа 1957-та  музејот „Ленбах-Хаус“ (Lehnbachhaus) во Минхен. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3k7R6
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Несреќната љубов беше онаа на  Германката Габриеле Минтер (Gabriele Münter, 1877-1962)  за  Русинот Василиј Кандински (1866- 1944). Приказната започнува  1901-та во Минхен, кога   24-гдишната Минтер ги продолжува студиите по сликарство во уметничката школа „Фаланкс“, во која предава десет години постариот Кандински. До 1896-тата, младиот доктор по право, бил амбициозен асистент на Правниот факултет во Москва, оженет со својата братучетка.  Се‘   до откровението  што го доживеал пред сликите на Клод Моне на изложбата во Москва. Тогаш сфаќа дека сака да стане сликар. Ја остава сопругата во Русија, за да студира сликарство во Минхен во школата на Антон Ажбе. Таму го запознава рускиот сликар Алексеј фон Јавленски. Подоцна, на ликованта академија во Минхен  го запознава Паул Кле, со кого го поврзува  долго пријателство.

Студентката Минтер и професорот Кандински  се вљубуваат во летниот одмор 1903-тата, кога таа му станува вереница, иако е оженет. Брзо станува и неговата партнерка во сликарството. Таа има неверојатна сликарска дарба. Една година живеат во Париз. Подоцна таа бележи во своите спомени  дека Кандински во Париз не  го интересирале  прочуените сликари,  како Пикасо и Брак. Тој трагал само по својот пат во сликарството и по своето толкување на  суштината на уметноста. Така настанува прочуеното дело „За духовното во уметноста“( „Über das Geistige in der Kunst", 1911). Преку пријателите Маријане Верефкин и Алексеј  фон Јавленски,  двајцата Руси и сликари, Кандински и Минтер  го открија за себе  гратчето Мурнау, близу Минхен. Таму во летото 1908-тат четворицата заедно сликаат. Од брачниот пар Верефкин и Јавленски, тие  учат дека  сликарството не  ја отсликува природата, туку е акт на ликовната апстракција. Несекојдневната убавина на природата во Мурнау  ја поттикнува сликарската преобразба кај обајцата. Минтер кусо потоа ја  купува белата куќа  на крајот од   Мурнау. Многу брзо откако се вселиле  во неа, мештаните почнале да ја викаат „куќата  на Русите“ (Das Russenhaus), иако само Кандински бил Русин. Скромната куќа двајцата уметници ја преобразиле со своето сликарство. Не само дрвената скала за горниот кат, која ја украсил Кандински, туку  и сите други предмети заедно ги  украсувале со бојата и цртежот. А истите  потоа ги овековечуваа и  на своите платна.  Притоа, непрестано  се портретирале еден со друг.

Wassily Kandinsky und Gabriele Muenter
Василиј Кандински и Габриеле МинтерФотографија: picture-alliance/Heritage Images

Набрзо куќата во Мурнау станува духовно средиште за  најинтересните уметници во Минхен. Чести гости  се сликарите Франц Марк, Август Маке, Паул Кле, но и композиторот Арнолд Шенберг. На прочуеното платно на Габриеле Минтер, „Маж во фотелја“, всушност, е Паул Кле, насликан од неа при една од посетите во Мурнау. Кандински  го запознал Арнолд Шенберг 1911-тата, кога  првпат бил на негов концерт во Минхен. Неговата атонална музика  толку го восхитила мистичниот Русин, што веднаш му  напишал на Шенберг. Концерт го инспирира Кандински за едно од големите апстрактни платна „Дисонанци“. Така започнува нивното пријателство. Познато е дека Арнолд Шенберг исто сликал. Преку Шенберг, Кандински почнал да се интересира и за  „Кабалата“. Кандински и Франц Марк  1911-тата  стануваат духовните двигатели на  групата „Der Blaue Reiter“. Подоцна Кандински пишува дека името се родило додека тој и Марк пиеле кафе. Двајцата ја сакале сината боја. Марк сликал сини коњи, а Кандински јавачи – отаде „Синиот јавач“! Го подготвуваат заедно алманахот со исто име, кој е придружен каталог за две големи изложби во Минхен. Освен нив двајцата, во групата членуваат сликарките Габриеле Минтер и Маријане Верефкин, сликарите Паул Кле, Август Маке, Алфред Кубин, Алексеј фон Јавленски  и композиторот Арнолд Шенберг.

Други колумни од авторката:

-Зошто уште не се познаваат Македонците и Бугарите?

-Скопје, градот без аура и дух

-Европска меморија versus бугарска амнезија

Првата светска војна  темелно ја менува творечката атмосфера во Минхен. Франц Марк и Август Маке загинале на фронтот. Паул Кле бил мобилизиран. Русинот Кандински станал непожелен во Германија, која војува со Русија. Габриеле Минтер, вечната вереница и вљубена  соработничка на Кандински,  уште копнежливо чекала тој да се разведе од жената во Москва и да се ожени со неа.  Иако се развел уште 1911-тата, тој никогаш  не и‘ понуди брак на Габриеле Минтер. Таа, сепак,  1914-тата емигрира заедно со него во Швајцарија. По некое време,  без да и‘ каже, Кандински емигрира  преку Цирих во  Русија. Потоа не одговорил на ниту едно од нејзините многубројни писма. За време на војната Габриеле Минтер живеела во Шведска. 1916-тата последен пат го сретнала Кандински во Штокхолм. Една година подоцна тој  ја раскинува врската со неа и се жени во Москва со триесет години помладата Нина Николаевна Андрејевскаја.

Portrait Wassily Kandinsky and Gabriele Münter
Фотографија: picture alliance/Heritage Images/Fine Art Images

И покрај модерноста во сликарскиот израз, сликарот Кандински сепак бил формиран во ригидниот граѓански дух, во кој, за мажот, жената  во бракот не била рамноправна соработничка и партнерка. Габриеле Минтер  била  творечки премногу силна и самостојна, а тоа не соодветствувало на  сликата за сопругата каква што си посакувал Василиј Кандински. Нина Кандински имала дарба да се потчини на волјата на харизматичниот сопруг Кандински, со тоа што била само убавата сопруга во неговата придружба.

Од несреќната љубов на Габриеле Минтер и‘ останале само спомените и куќата во Мурнау, во која живеела и работела до крајот на животот 1962-тата. Кандински оставил зад себе кај неа уште еден многу скапоцен спомен. Околу стотина свои слики, како и слики на сликарите од групата „Der Blaue Reiter". Од мигот кога Василиј Кандински се вратил 1921-та во Германија и станал професор во Баухаус, тој се обидувал на сите можни начини да ја присили својата некогашна љубовница и соработничка да му ги врати сликите. Спорот меѓу нив бил жесток и долг, но таа била непопустлива. Тоа богатство е и нејзиниот скапоцен спомен, но и најболната одмазда за неверниот Кандински. Кога  1933-тата  во Германија стапува Хитлер на политичката сцена, а 1937-тата  Гестапо  ги гони сите слободоумни уметници и ги конфисцира нивните дела како „деформирана уметност“(„Entartete Kunst“), Габриеле Минтер успева да ја скрие скапоцената ризница во подрумот во  „куќата на Русите“ во Мурнау. Василиј Кандински   во тоа време веќе емигрирал во  Франција, каде што умрел близу Париз 1944-тата. 

Köln Museum Ludwig Ausstellung Gabriele Münter
Габриеле МинтерФотографија: Gabriele Münter- und Johannes Eichner-Stiftung, München

Долги години  Габриеле Минтер живеела повлечена од светот. Се чинело дека и светот ја имал заборавено. Не се појавувала повеќе во јавноста. Живеела многу скромно, заедно со животниот сопатник, историчарот на уметноста Јоханес Ајснер. На својот осумдесетти роденден, Габриеле Минтер му ја  дарувала својата скапоцена збирка со  стотина  дела од Кандински и од членовите на „Der Blaue Reiter“ на  музејот „Ленбах-Хаус“ во Минхен, кој со тоа преку ноќ се стекнал со светска слава. Без  дарот од Габриеле Минтер, тој  ќе останеше засекогаш провинциски музеј, значаен само  во локален контекст.  Овој гест на несекојдневната жена и сликарка, која дури и кога едвај преживувала, не сакала да продаде ниту едно од скапоцените дела во подрумот, не сведочи само за  повредената гордост на  вљубената и изневерената жена. Тој говори и за нејзината лична  верност во секоја смисла. Не само верноста кон „нејзиниот“  Кандински,  кој толку  ги восхитил мештаните во Мурнау, што тие нејзината куќа ја нарекле „куќата на Русите”. Долго криената ризница  на Габриеле Минтер сведочи и за  нејзината верност на духот од кој се родија чудесните дела на сите сликари околу групата „Der Blaue Reiter". А тоа го прави уште поскапоцен споменот и на нејзината личност и на нејзиното извонредно сликарство.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.