Габриел бара моќна Европа

Во светот ништо не е како што беше, а германскиот министер за надворешни работи бара Европа конечно да делува активно и да размислува стратешки, а не морално. За тоа е крајно време, па сепак... Коментар на Јенс Турау.

Анализата е точна - германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел пред фондацијата Кербер скицираше свет кој не само што е во пресврт, туку веќе е сменет. Сведено на заеднички именител: повоениот светски поредок е завршен, американскиот век е историја. Кина стреми кон сѐ поголемо значење, САД се повлекуваат во егоизам и национализам. И сѐ уште секој вакуум што настанува во светската политика се пополнува бргу од страна на други. Оној во Сирија, на пример, се пополнува од страна на Русија. Или во Африка - од страна на Кина. И Европа веќе не смее, како што вели Габриел, „од страна“ само да морализира, туку мора и јасно да ги дефинира сопствените интереси, да размислува стратешки. Со други зборови: конечно да расчисти во својот двор, да ја продлабочи европската интеграција, иако тоа сега е сѐ, само не популарно. И, треба да бара партнери секаде каде што е тоа можно, а не како во минатото - рефлексно само од другата страна на Атлантикот.

Тоа е исправно, но на ова место доаѓа првата забелешка:

Забелешка број еден

Дали е точно, како што вели Габриел, дека САД се во процес на промени независно од Доналд Трамп? Дека улогата на светска сила, на бранител на демократијата, слободата и на Европа во нејзиниот стар облик, е навистина засекогаш минато? Точно е она што го вели Габриел: наскоро повеќе луѓе во САД ќе имаат африкански и латиноамерикански корени, отколку како досега - европски. Но, нели има широки протести во САД против егоманскиот претседател, против неговата арогантност и занесеност? Зарем, и покрај бруталната предизборна кампања, не гласаа повеќе луѓе за многу неомилената Хилари Клинтон отколку за Трамп, само за да спречат најлошо? Габриел можеби прерано ги отпишува САД, дури и тогаш кога нагласува дека Вашингтон „останува наш најважен сојузник“. Од оваа анализа можеби повеќе се чита нетрпение за конечно сериозно зафаќање со европскиот проект.

Јенс Турау

Забелешка број два

На ова место доаѓа забелешката број два. Габриел има право: Европа мора да се сврти кон себеси, да ги брани своите вредности, да внимава на тоа самата да стане моќна, зашто свет без полови на моќ (Габриел тоа го нарекува „Г-Нула-Свет) е исклучително опасен, пред сѐ за Германија. Но, тој притоа зборува пред сѐ за соработка со Франција. Велика Британија во неговиот говор се спомнува само еднаш, во кусиот дел посветен на Брегзит. Зарем немаше да биде подобро, поаѓајќи од Берлин и Париз, да се бара сплотување со сите Европејци, независно од ЕУ: Со Лондон, со Југот, па и со Источноевропејците, колку тоа во моментов да изгледа нереално? Ако се зборува за Европа, тогаш треба да се опфатат сите. На ова место се чувствува неволноста на Габриел, на германската политика која во моментов е фокусирана на штедење и сѐ уште нема одговорено на обемните реформски планови на францускиот претседател Макрон. Или уште појасно - канцеларката Ангела Меркел сѐ уште не го сторила тоа. „Што се однесува до европските идеи, во моментов резултатот е 10:0 за Франција“, грми Габриел во салата. Повторно таа нетрпеливост.

Говор за конкурирање

Тоа можеби се должи на фактот што ова беше еден вид говор за конкурирање за функцијата министер за надворешни работи. До неодамна, додека се водеа разговорите за Јамајка-коалиција во Германија, се чинеше како кариерата на Габриел да е на крај. Сега неговата партија, СПД, ќе разговара со канцеларката и нејзината ЦДУ/ЦСУ за продолжување на коалицијата. Можеби повторно со Габриел на министерската позиција. Работите можат навистина брзо да се сменат.

Затоа, анализата на Габриел е исправна и остра. Но, ако е точно дека сѐ уште сѐ е во фаза на обликување, тогаш се можни и изненадувачки подобрувања - во САД, можеби дури и во Велика Британија. Не би било лошо тоа да се има на ум. Инаку, важи основната порака - напред Европо, тргни се од страничната линија, влези во мешаницата на случувањата. Има доволно вредности за бранење! Прави го тоа со многу памет и нешто помалку морал.

Следете нѐ