1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гадафи го нема, што сега?

21 октомври 2011

Смртта на долгогодишниот либиски властодржец Моамер ел Гадафи предизвика задоволство не само кај многу Либијци, туку и кај многу светски државници. Тие апелираа до Либијците да се обединат во градењето на новата иднина.

https://p.dw.com/p/12wHI
Судбината на Либијците сега е во нивни рацеФотографија: picture-alliance/dpa

Веста за смртта на Гадафи е со олеснување примена ширум светот. Германската канцеларка Ангела Меркел изрази надеж за нов политички почеток за земјата:

„Овој ден става точка на режимот на Гадафи, ова е важен ден за Либијците“, изјави Меркел во Берлин.

И министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле изрази надеж дека за луѓето во Либија почнува нова ера по смртта на поранешниот властодржец .

„Моамер Гадафи беше диктатор, кој ги кршеше човековите права и водеше крвава војна против својот народ. Се надеваме дека луѓето во Либија по децении диктатура сега ќе можат да започнат ново демократско поглавје во земјата“, изјави Вестервеле.

Barack Obama Erklärung zu Gaddafi
Барак ОбамаФотографија: dapd

Повик за помирување на Либијците

Генералниот секретар на ОН , Бан Ки Мун пак по смртта на Гадафи ги повика Либијците на помирување:

„Сега е време Либијците да се обединат, Либија може да ја оствари желбата за добра иднина само преку национално единство и помирување“.

И американскиот претседател Барак Обама истакна дека либискиот народ сега има можност да ја земе судбината во сопствени раце .

„Со смртта на Моамер Гадафи завршува долгиот и болен период за народот на Либија“, изјави американскиот претседател Барак Обама во Белата куќа, најавувајќи дека мисијата на НАТО во Либија наскоро ќе заврши.

Bundestag Reform Euro-Rettungsschirm EFSF
Ангела МеркелФотографија: dapd

Прекин на воената операција во Либија

Генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен го повика Преодниот национален совет во Либија да го спречи натамошното несогласување меѓу цивилното население, како и да покаже воздржаност кон борците на поранешниот режим.

Инаку амбасадорите на 28-те земји членки на НАТО денеска ќе одржат вонредна седница во Брисел, на која ќе го разгледаат прашањето за прекин на воената операција во Либија. Алијансата започна операција во Либија на 31 март, со мандат на Советот за безбедност на ОН да го заштити цивилното население во оваа земја.

Автор: Симе Недевски/ЖА/дпа/ртре/дв

Редактор: Ж.Ацеска