1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Libyen Gaddafi

22 октомври 2011

Смртта на диктаторот Моамер ел-Гадафи симболизира почеток на нова епоха во Либија. Но, предизвиците се огромни, смета Рајнер Золих во коментарот по овој повод.

https://p.dw.com/p/12wd3

Во Либија и воопшто во арапскиот свет одвај дека некој ќе пушти солза по Гадафи, токму како ни во западниот свет, каде тој во никој случај не беше сфаќан само како спонзор на теророт, изнудувач на пари со уцена, а на крајот и како воен противник. Врз основа на проблематичните преломи и отсуството на ориентација на европската надворешна политика спрема човековите права, Гадафи понекогаш дури можеше да си дозволи да ги подигне во голем стил своите шатори среде Брисел и Париз. Нему му се додворуваа водечки европски политичари како Силвио Берлускони. Со сомнителни методи Гадафи спречуваше африкански бегалци да доаѓаат во европските земји. Европејците и Американците ја променија таа таканаречена „политика на приближување“ дури кога неговиот народ му го сврте грбот. Иако Западот на крајот сепак воено клучно придонесе за промената во Либија, сето тоа не треба да се заборави и од тоа мора да се извлечат јасни поуки за идниот однос спрема диктаторите. Европската Унија досега во голема мера го избегнува тоа.

Deutsche Welle Rainer Sollich
Авторот на коментарот: Рајнер Золих , уредник во Дојче ВелеФотографија: DW

Политичките предизвици за Либија се огромни

По сила на околностите отпаѓа прашањето дали не ќе беше подобро Гадафи да биде изведен пред национален или меѓународен суд. Останува, меѓутоа, важното прашање - како ќе се однесуваат новите властодршци во Либија со тешкото политичко наследство од диктаторот. Во меѓународната јавност сфаќан првенствено како куриозитетен ексцентрик, Гадафи всушност беше еден од најбруталните и најнемилосрдни диктатори во арапскиот свет. Тортурата, шпионирањето, политичкото шиканирање и тиранија беа „нормална состојба“ во децениите на неговото владеење. Сето тоа сега мора да биде обработено, што претпоставува дека во „нова“ Либија мора да бидат повикани на одговорност водечките членови на неговиот апарат за угнетување. Но, тоа мора да се случи со постапка својствена на правната држава - одмазднички акти не треба да бидат дозволени.

Со смртта на Гадафи падна голем товар од иднината на Либија. Сепак, политичките предизвици се огромни. Либија нема практикувана политичка култура, ниту пак функционални државни институции. Земјата практично почнува „од нула“. Преодните властодршци мораат да подготват демократски избори и притоа да одржат баланс не само меѓу традиционално ривалските племиња и региони, туку и меѓу различните политички струења - од европски инспирирани демократи, се’ до исламистички сили. Либија самата не може да успее во тоа. Таа мора самата да си го најде патот, но ќе зависи и од странска помош - и не треба да се воздржува да ја прифати.

Автор на коментарот: Рајнер Золих

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски