1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загадување: помагаат само гас маски

БГ
15 декември 2017

Енормното загадување во Скопје во текот на зимските месеци станува редовна појава последниве години. Новите градски власти најавија итни мерки, но засега ефектот од нив е незначителен.

https://p.dw.com/p/2pQuv
Mazedonien Nebel Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Нивото на штетни честички во воздухот во Скопје продолжува драматично да расте. Последните мерења покажуваат вредности кои за повеќе од десет пати ги надминуваат дозволените во ЕУ. Густата магла- карактеристична за овој дел од годината во главниот град- само го засили чувството на граѓаните дека се наоѓаат во гасна комора. Откажани или пренасочени се и повеќе летови на скопскиот аеродром. Лекарите препорачуваат граѓаните по можност да не ги напуштаат своите домови, или да користат маски и друга заштита при движење на отворено. Во воздухот се чувствува остар мирис на чад, пластика и хемикалии. На социјалните мрежи повеќе граѓани информираат дека било забележано палење на контејнери и канти за отпад во неколку делови на градот. Според агенцијата Макфакс, во неколку аптеки во Скопје веќе се потрошиле и резервите од маски за заштита од загадениот воздух. Се работи за маски кои содржат активен јаглен и имаат рок на употреба од неколку денови. За утре се најавени протести пред владата под мотото „Станете за чист воздух“.