1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гасот поскап за 40%?

Елизабета Милошевска Фиданоска10 јуни 2008

Министерот за економија, Михаел Глос, изјави дека никој не може да предвиди што ќе се случува и побара од земјите производители, но и од земјите потрошувачи на нафта да сторат се‘ за да запре вртоглавиот скок на цените.

https://p.dw.com/p/EG8l
Гасовод кај Грајсфалд, ГерманијаФотографија: AP

Последиците од високите цени на нафтата, во Германија би можеле да се контролираат преку силното евро и поголем извоз од страна на земјите производители на нафта. И покрај тоа, како што вели министерот за економија, Михаел Глос, потребно е производителите и потрошувачите заеднички да бараат решенија. Според Глос, мора да се поттикнуваат техники за заштеда на енергија и да се води политика, која Германија ќе ја направи независна од нафтата и гасот.

Да се укине поврзаноста на цените на нафта и на гас

И, додека министерот бара потрага по нови извори на енергија, во земјата се‘ погласни се предвидувањата дека цената на гасот наесен би можела да биде повисока за 25%, а од министерството за екологија стигнаа дури и предвидувања за зголемување од цели 40%. Парламентарниот државен секретар во министерството за екологија, Михаел Милер, изјави дека треба да се работи на тоа цената на гасот да не биде поврзана со цената на нафтата. Раководителот на одделот за енергија, сообраќај и екологија на Германскиот институт за економско истражување, Клаудија Кемферт, за поврзувањето на порастот на цените на нафтата и гасот, објаснува: „Ова правило беше воведено на почетокот на 60-тите години. Тогаш, тоа имаше смисол, беа потребни пари за изградба на гасоводи и нафтоводи, пари за инвестиции, но се настојуваше и да се спречи гасот да биде производ кој ќе биде евтин конкурент на нафтата. Тоа денес веќе на одговара. Цената на гасот треба да се развива слободно на пазарот, потребна ни‘ е поголема конкуренција. Затоа мислам дека тоа поврзување на цените на гасот и нафтата треба да се укине.“

Министерот за економија, Глос, смета дека укинувањето на поврзаноста на цените на нафтата и гасот ќе има мал ефект. „Илузија е да се верува дека доколку поврзаноста се укине, тоа ќе донесе резултат“, изјави тој додавајќи дека производители на гас се мал број земји и дека во таа сфера речиси и нема меѓусебна конкуренција, па сходно на тоа и цената на гасот ќе остане висока. Глос бара службата за контрола на монополот во Германија посилно да ги контролира цените на гасот.