1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаук, „претседателот на срцата“, пред нов предизвик

20 февруари 2012

На претседателските избори во 2010-та, кога во третиот изборен круг загуби од Кристијан Вулф, Гаук беше „победник на срцата“. Сега повторно ќе се кандидира, а мнозинството Германци стојат зад него.

https://p.dw.com/p/145rj
Фотографија: dapd

Како левичарско-либерален конзервативец, можеби како конзервативно-либерален левичар - вака Јоахим Гаук ја опишува својата политичка определба. Со ова тој го цитира полскиот филозоф Лешек Колаковски. Гаук не и’ припаѓа на ниту една партија, но воопшто не е аполитичен. Уште во 1999-та година, одредени кругови од Христијанско-социјалната унија сакаа да го вклучат во претседателската трка како противкандидат на Јоханес Рау. Гаук тогаш одби. Исто така во 2004-та година, при првата номинација на Хорст Келер, некои во Гаук гледаа идеален кандидат.

Под будното око на Штази

По личното искуство во две диктатури, „слободата“ за Гаук е неговата голема животна тема. Со години неговото име беше поврзано со обработката на минатото во ГДР.

Јоахим Гаук е роден во Втората светска војна, на 24 јануари 1940 година во Росток. Голем белег, како што пишува во неговите мемоари, врз него оставила депортацијата во 1951-ва и четиригодишната робија на татко му во Сибир, поради наводна шпионажа.

Поради овој факт поврзан со неговото семејство и тоа што Гаук не беше член на социјалистичката младинска организација во ГДР, тој не добил можност да студира германистика. Наместо тоа, во 1958-ма година започнува студии по теологија. Од 1965-та година работел како пастор за евангелистичко-лутеранската покраинска црква Мекленбург - прво во Лисо, а потоа и во Росток.

Тој живее под постојан надзор од страна на Министерството за државна безбедност, односно Штази. Гаук во тој период не се гледа себеси како дисидент, туку повеќе како дел од опозиција и во одредена мера заштитен преку институцијата - Евангелистичка црква.

Црквата потоа, во пресвртната 1989-та година, играше важна улога. Гаук е портпарол на граѓанското двжење Нов форум од Росток. Тој ги води неделните богослужби и ги предводи големите демонстрации. Од март 1990-та година е пратеник на движењето во Народното собрание на ГДР.

Diskussion um Stasi-Akten und Gauck-Behörde 1992
Гаук десет години раководеше со Институцијата за расветлување на документите на поранешната ШтазиФотографија: dpa

Чувар на Штази-оставината

Во Народното собрание презема задача која ќе го окупира цела деценија: зачувување на оставината на Министерството за државна безбедност, Штази. Иако членовите на апаратот за угнетување и поткажувачите започнаа акција на уништување на документите кога веќе се наѕираше крајот на владеењето на Социјалистичката единствена партија на Германија (СЕД), заземањето на објектите на Штази од страна на народот ширум земјата и‘ ставија крај на оваа акција.

На 2 октомври 1990-та Јоахим Гаук ќе биде именуван од Народното собрание за „Специјален пратеник за документите поврзани за личности на поранешната Служба за државна безбедност на ГДР“, а еден ден подоцна претседателот Рихард фон Вајцекер и премиерот Хелмут Кол го потврдија на оваа функција. Институцијата со која раководеше во секојдневниот јазик беше наречена „Гаук - институција“.

По два мандата, Гаук во 2000-та година и‘ ја предаде палката на Мариане Биртлер. Оттогаш не извршувал политичка функција, и покрај повеќе различни понуди. Меѓутоа, постојано се јавуваше за збор, не секогаш на задоволство на ГДР-носталгичарите или политичарите кои биле осомничени од Штази.

Симпатии во широки кругови

Оттука не е ни чудо што левото крило меѓу левичарите има големи проблеми, левичарско-либералниот конзервативец да го избере на функцијата сојузен претседател. Претседателката на Партијата на Левицата Гезине Леч уште пред минатиот избор за претседател во Гаук гледаше „човек на минатото“, кој не поставува „импулси за иднината“. Дагмар Енкелман од пратеничката група на Левицата за „Ноје Дојчланд“ изјави дека нова кандидатура на Гаук нема да наиде на поддршка во нејзината партија. Во другите политички табори, 72-годишниот Гаук има широка поддршка.

Pressekonferenz im Bundeskanzleramt Bundespraesident
Канцеларката Ангела Меркел со кандидатот за претседател Јоахим Гаук и шефовите на политичките партии на власта и опозицијатаФотографија: dapd

Уште летото 2010та година, СПД и Партијата на зелените го номинираа Јоахим Гаук за кандидат за сојузен претседател. Тоа што не беше избран по ненадејната оставка на Хорст Келер, не влијаеше врз неговата висока репутација. Гаук сега е заеднички кандидат кој ќе биде избран од широко мнозинство. Владејачката ФДП прва се приклучи кон кандидатот на СПД и Партијата на зелените, а големи симпатии Гаук ужива и меѓу голем дел од членството на ЦДУ. Тој воедно е кандидат, кој според една репрезентативна анкета на Институт Емнид го посакуваат најголем број Германци - 54 проценти.

Автор: Михаел Гесат/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска