1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гвантанамо - симбол на американската неправда

16 август 2009

За шест месеци, американскиот претседател Барак Обама, сака да го затвори озлогласениот затвор во Куба, Гвантанамо. Во контроверзниот затвор се наоѓаат 229 мажи – затворени се без обвинение, и според тоа, и без пресуда.

https://p.dw.com/p/J9ki
Фотографија: AP

Пет часот наутро, небото над заливот Гвантанамо е се` уште темно, но силните рефлектори што го осветлуваат затворот прават да изгледа како ден. Еден од затворениците го повикува својот сосед за првата молитва. Полека излегуваат од своите ќелии и се упатуваат кон дворот под отворено небо. Кашлањето кое се слуша, доаѓа од американскиот војник, кој од стражарската кула набљудува што се случува. Околу петнаесет затвореници клечат на чергите за молење. Нивната молитва е единственото нешто што посетителите на Гвантанамо може да го чујат од затворениците.

Gefangenenlager Guantanamo auf Kuba
Затворот Гвантанамо навечерФотографија: AP

Американското министерство за одбрана забранува да се зборува со затворениците. Набљудувањето на молитвата од десет метра високата стражарска кула е дел од програмата за новинари, кои се во дводневна посета на Гвантанамо. Два дена, во кои американската војска дозволува да се фрли поглед на животот во затвореничкиот кампус. Од амбасадата секогаш истото: тие се многу фини и велат дека примерно се однесуваат кон затворениците. Ова го вели и еден млад офицер, обраќајќи се за време на посетата: „Кон овие опасни луѓе се однесуваме човечно, но притоа не забораваме дека тие се опасни.“

„Послушните“ затвореници имаат повеќе слобода

Двесте дваесет и девет мажи се‘ уште се во затворот. Четирите кампови, кои посетителите може да ги посетат, се опкружени со висока ограда на која стои ѕвездата на НАТО. На речиси секои триесет метри има стражарска кула. Од таму, војниците можат да ги видат палмите и синото море на кубанскиот брег, додека затворениците не можат да видат ништо карипско. Зелените заштитни церади, поставени долж оградата, го спречуваат секој поглед кон надвор.

USA Kuba Guantanamo Oberster Gerichtshof
Затворениците од кампот бр.4Фотографија: AP

Во заедничката просторија во кампот четири, на телевизија емитуваат фудбал: играат Ирак и Палестина. Во кампот четири, според мислењето на стражарите, се сместени „послушните“ затвореници. Тие смеат дваесет часа на ден да ги напуштат своите ќелии, дозволено им е и да се дружат со останатите затвореници. На некој начин, тие имаат повеќе слобода, отколку на пример затворениците во кампот број пет.

Живот во самица од осум метри квадратни

Од 2004 година, кампот број пет е затвор со висока безбедност. Затворениците таму живеат во самици, големи околу осум метри квадратни. Тие смеат само четири часа на ден да излезат надвор и тоа секогаш со пранги на стапалата. Остатокот од времето седат сами во ќелиите. Важат за непослушни, бидејќи се спротивставуваат на наредбите на војниците и можат да нападнат. Според проценките на американските војници, еден затвореник може да биде послушен или непослушен, но секако затворениците ги поврзува друго нешто: повеќето од нив се тука повеќе од седум години. Без обвинение, и соодветно на тоа, без пресуда. Овој чувар вели дека понекогаш размислува на оваа тема: „Овие луѓе може да се тука по грешка, но може да се тука и поради вистинските причини.“

За пола година Гвантанамо ќе биде затворен?!

USA Guantanamo Häftling
Нема земја што сака да ги прими затвореницитеФотографија: AP

Шеесет од вкупно 229 мажи, според проценките на Пентагон, повеќе не претставуваат закана за САД. Но, тие и понатаму се во затвор, бидејќи немаат најдено држава која ќе ги прими. Кога ново избраниот претседател Обама на крајот на јануари изјави дека за една година ќе го затвори Гвантанамо, многу затвореници беа полни со надеж, раскажува стражарот: „Тие се радува. Сакаа само едно нешто: да го напуштат Гвантанамо. Минаа веќе неколку месеци и тие имаат чувство дека ништо не е сменето откако Обама е на функција."

Владата на Обама работи со полна пареа да најде сместување за 229-те мажи. Многумина се сомневаат дека ќе успее во тоа во наредните шест месеци. И се` додека затворот не биде затворен, Гвантанамо останува она што беше и во изминатите седум години – симбол на американската неправда.

Автор: Ана Енгелке / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска