1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерацијата Твитер и Фејсбук го искажува револтот

Sime Nedevski14 јуни 2011

Младите демонстранти против полициската бруталност во Македонија ги доставија до државните институции нивните протестни барања. Социјалните мрежи се нивната платформа за канализирање на незадоволството, велат експертите.

https://p.dw.com/p/11a2N
Фотографија: DW

Интернетот и социјалните мрежи имаат се поголема улога во македонското општество. Младите во земјава преку Твитер и Фејсбук спонтано и брзо пред 9 дена го организираа првиот протест „против полициската бруталност“, по инцидентот што се случи на плоштадот во Скопје, кога припадник на специајлната единица „Тигри“ до смрт претепа 22- годишно момче. МВР соопшти дека ја следат комуникацијата на социјалните мрежи и со помош на Фејсбук бришат одредени коментари и постови, со цел како што велат да се спречи ширење на дезинформации и повикување на насилство и говор на омраза. Двајца учесници во протестите за Дојче веле објаснуваат дека влијанието на социјалните интернет мрежи е главниот фактор за добивањето на вистинските информации за убиството, бидејќи сметаат дека полицијата се обидела да го прикрие случајот.

Proteste in Skopje Mazedonien
Фотографија: DW/Stojanovski

„Немаат контрола над твитерот. Твитерот е умен, во џеб го имаат сите луѓе и дознаваат на лице место, што се случува во реално време. Работава се докажа кај нас. Почна со „твит“ на едно девојче, „твитот“ беше стварно потресен, ноќта 200 луѓе застанаа на „Рекорд“ и си кажаа дека сакаат некој да им објасни зошто никој нема информација дека било убиено дете во среде центарот на главениот град, нема ни во полициски билтен ама има на Твитер и под тој притисок они признаа“.

„Овие протести дефинитивно немаат политичка заднина, сите се организиравме спонтано. Луѓето знаеја дека е убиено момче и ја бараа единствено вистината. Првиот ден не знаевме ништо, само знаевме дека некој е убиен и дека државата се обидува тоа да го прикрие. Единствено бараме одговор и вистина од властите, никој од нас нема политичка позадина и ниедна политичка партија не би можела толку брзо да се организира“.

Незадоволство од она што се случува во Македонија

Новинарот Назим Рашиди вели дека оваа реакција на младите е искрена. Тој истакнува дека државата и институциите треба да ги бранат интересите на граѓаните, а младите тоа го бараат:

„Мислам дека социјалните мрежи само го помагаат тоа што младите денес го чувствуваат и најважно за мене е чувството на протест кој тие го покажуваат за тоа што се случи. Ова покажува дека младите веќе размислуваат и на некој начин им е важно тоа што се случува во општеството. Сигурно дека овие модерни начини на комуникација ја прошируваат информацијата побрзо и тоа помага“.

Proteste in Skopje Mazedonien
Фотографија: DW/Stojanovski

Овие протести имаат елементи на спонтаност и изразуваат наталожено незадоволство и револт од она што се случува во Македонија во овие 20 години транзиција, коментира Ѓорги Тоновски- универзитетски професор.

„ Мислам дека не станува збор за некакви протести кои што би сакале да донесат некакви насилства и терористички акти, туку станува збор за еден голем револт во однос на состојбите со кои младите се соочуваат, но не само младите туку и севкупното општество“,вели социологот Тоновски и додава дека можеби се надзира пролет во однос на младинскиот ангажман околу изразувањето на нивните потреби и барања“.

Доставени протестните барања

Protest Jugendliche Skopje Mazedonien
Фотографија: DW

Барањата на младите во Македонија кои повеќе денови протестираат против бруталноста на полицијата се доставени до претседателот на државата, до Народниот правобранител, Јавниот обвинител и до МВР.
Демонстрантите бараат распуштање на специјалните единици на полицијата како што се „Алфи“ и „Тигри“, формирање на нови професионални едници за тие намени кои меѓу другото ќе посетуваат и задолжителна обука за контрола на гнев. Тие бараат замена на секторот за внатрешна контрола во МВР со независно граѓанско тело, зголемена контрола над МВР, од страна на собранието, зголемени казни во кривичниот законик за кривични дела што работниците во МВР ќе ги сторат без разлика дали се или не се на служба на работа, како и целосно расчистување на инцидентот, независна истрага за идентификација на припадниците на МВР кои му помогнале на специјалецот да се прикрие делото и суспензија на министерката Гордана Јанулоска и портпаролот Иво Котевски.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Симе Недевски