1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гердеман не ја одбрани жолтата маичка – сега е втор во генерален пласман

16 јули 2007

Велосипедистите-учесници на годинашниот Тур д’Франс денеска имаат ден за одмор од напорите од првите осум етапи. Трката досега донесе неизвесност, без издвојување на јасен фаворит.

https://p.dw.com/p/BGWI
Линус ГердеманФотографија: AP

Тур д’Франс годинава досега се одвива на задоволство на Германците, оти по стартот Андреас Кледен го одржуваше второто место во генерален пласман, а сега на таа позиција е 24 годишниот Линус Гердеман од Минстер, член на тимот на Те-мобајл. Гердеман дури вчера возеше и во жолтата маичка како водечки во генерален полпасман, откако во саботата победи во 7-та етапа долга 197ипол километри. “Беше толку тешко да се вртат педалите во последните 300 метри. Насекаде имав грчеви и никогаш во мојот живот не сум отишол толку над границите на моите можности. Едноставно само сум среќен” – зборуваше Гердеман во саботата.

Во вчерашната осма етапа, возена во Алпите, тој заостана пет минути и пет секунди зад победникот, искусниот дански возач Михаел Расмусен, кому му ја препушти и жолтата маичка. Расмусен е одличен ридски возач, поранешен двоен победник во таа категорија на Тур д’Франс. Гердеман го загуби првото, но не падна подолу од второто место во генералниот пласман. “Мислам дека и покрај тоа добро возев. Добро се продадов и се борев до крај. Зад себе оставив многу реномирани велосипедисти, и покрај напорите од претходниот ден и мислам дека можам да бидам задоволен” – оцени Линус Гердеман, прв Германец кој по две години ја облече жолтата маичка на најпознатата велосипедска трка во светот.

Вчерашната етапа беше засенета од несреќата на возачот на Те-мобајл, 26-годишниот Патрик Зинкевиц: тој се судри со еден невнимателен гледач и извесно време беше без сознание. “Сега се чувствува добро, фала Богу подобро отколку што се очекуваше. При свест е, но не се сеќава на ништо - ни на случката, ниту дека се наоѓа на Тур д’Франс. Има скршена носна коска, што не е драматично, а многу е важно дека нема крварење во главата: повредено му е и десното колено” – информира лекарот на тимот Торбен Рипенхоф. За Зинкевиц трката заврши – тој денеска ќе биде префрлен во клиника во Германија. Гледачот помина уште полошо – тој и натаму е во кома.

Тежок удар за Те-мобајл е што остана и без капитенот, 27-годишниот австралиски велосипедист Мајкл Роџерс. Тој вчера падна преку заштитната ограда на патот при еден спуст во Алпите. Потоа продолжи да вози, но се откажа на 31 километар пред целта. За среќа,не се потврдија страхувањата дека Роџерс ја скршил клучната коска. Претходно се откажа и дебитантот од Велика Британија, 21-годишниот Марк Кавендиш, кој поради исцрпеност исто така ја напушти трката.

Патрис Клерк, претседател на фирмата-организатор на трката, најави дека на германскиот возач Ерик Цабел, по неговото признание за користење допинг, ќе му биде одземена Зелената маичка како најдобар спринтер на Тур д’Франс во 1996-та година. Од истите причини тоа веќе го снајде тогашниот колега на Цабел во тимот на Телеком, Данецот Бјарне Ријс.Цабел искажа разбирање за таквото решение: “Тоа, всушност, е фер. Искрено говорејќи, јас веќе и самиот се носев со мисла да ја донесам Зелената маичка кога доаѓав на тркава”.

Среќен исход на една необична спортска несреќа

На атлетскиот митинг во Рим од серијата Златна лига, во петокот вечерта францускиот натпреварувач во скок во далечина Салим Здири беше погоден со заталкано копје при неуспешниото обид на Финецот Теро Питкамаки. 28-годишниот француски атлетичар, како што се покажа, помина само со околу три сантиметри длабока рана.

Бразил победник на Копа Америка

Од фудбалот овој пат главната информација доаѓа од другата страна на Атлантикот: Бразил е победник на Првенството на Америка, што се одржа во Венецуела. Во финалето на Копа Америка Бразил ја совлада Аргентина со 3 спрема 0.

Во борбата за третото место Мексико забележа победа над Уругвај со 3 спрема 1.

Мецелдер првото засилување на Реал (М) за новата сезона

Славниот шпански фудбалски клуб Реал Мадрид, откако претходно го назначи поранешниот германски интернационалец Бернд Шустер за тренер на местото на Италијанецот Фабио Капело, кон средината на изминатата недела го претстави актуелниот германски репрезентативец Кристоф Мецелдер како прво играчко засилување за новата сезона.

Мецелдер е претставен како “еден од најсолидните и најинтелигентни играчи” на централната поизиција во одбраната. Тој потпиша тригодишен договор и ќе заработува по 4 милиони евра од сезона. “Прво, се разбира, сум многу горд да бидам во овој клуб, најголем во светот. Тоа е сон што ми се исполни. Се’ ќе сторам за овде да се наметнам” – рече Мецелдер при претставувањето во Мадрид.

Фудбалот во САД (“сокер”) - предизвик за Бекам

Досегашната ѕвезда на Реал Мадрид, англискиот репрезентативец Дејвид Бекам, во петокот во Лос Анџелес беше претставен како засилување на Галакси за американската Мејџр лига сокер. Севкупниот износ за петгодишниот договор на 32-годишниот Бекам изнесува 250 милиони долари.

“Почестен сум што толку многу луѓе дојдоа да ме видат на денешнава презентација и им благодарм за тоа. Во мојата кариера играв за два од најголемите клубови на светот – Манчестер Јунајтед и Реал, како и за англиската селекција. Но, секогаш барав предизвици во кариерата и возбудувања во животот. Ова е еден од најголемите предизвици досега – да се преселам во различна земја на другата страна од светот. Мислам дека фудбалот во САД потенцијално може да биде исто толку голем, колку што е насекаде на светот и горд сум што ќе бидам дел од него во наредните пет години, можеби и подолго’ – изјави Бекам во Лос Анџелес.

Крај на спортскиот сон на Луан Красниќи

Сонот да биде прв боксер кој по легендарниот Макс Шмелинг ќе ја донесе во Германија титулата професионален светски првак во бокс во тешка категорија, за Луан Красниќи заврши на неславен начин: во борбата на предизвикувачите во верзијата ВБО, тој загуби од Американецот Тони Томпсон со технички нокаут во петтата рунда – судијата го прекина мечот по серија тешки удари што ги прими Красниќи. Тој собра сили да признае: "Уште од самиот почеток никако не се снајдов во борбата. Едноставно, ова не беше мој ден, не знам што се случи. Во секој случај, неизмерно ми е жал што прикажав таква борба”.

Зоран Јордановски