1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германец во ромско гето во Бугарија

21 декември 2011

Тој е Германец. Името му е Франк Абас и е бивш бизнисмен-шпедитер. Веќе шест години живее со Ромите во гетото Владиславово во Варна. Ако го прашате зошто, ќе ви одговори: затоа што и тие се луѓе!

https://p.dw.com/p/13KTP
Франк Абас ги подучува ромските деца во рамки на организацијата „Светло во темнината“Фотографија: Light in the darkness

„Бев шокиран кога за првпат го видов ромското гето. Веднаш се сетив на полските Евреи во варшавското гето, создадено од нацистите. Решив да помогнам затоа што во Ромите од гетото видов луѓе. Гледам неписмени, но интелигентни луѓе кои се борат за својот опстанок. За жал, често тргнуваат во погрешна насока- кон криминал. Но тие и немаат многу други опции за опстанок“, вели Франк Абас.

Ромите во Владиславово долго време се противеа да учат бугарски јазик. Според нив, училиштето било инструмент за контрола над Ромите.

„Шест години ми беа потребни за да го променам тој начин на размислување. Сега ни се потребни многу бугарски учители во гетата. Според мене, ако Бугарите им помогнат на Ромите, проблемот со гетата ќе биде решен за 15 години“.

Roma Familie in Bulgarien
Ромско семејство во ВарнаФотографија: AP

Франк Абас без заобиколување вели дека за многу бугарски институции, но и за невладини организации, Ромите се извор на профит. Многу често, за различни поводи, се собираат нивните лични податоци и потоа се користат за различни манипулации и измами.

„На пример, ромските деца фигурираат за властите само како статистика. Во Бугарија за едногодишна издршка на еден ученик во локално училиште и гимназија, државата исплаќа по околу 1.800 лева. Таа сума се пресметува во буџетите на училиштата и доколку ученикот не посетува настава, парите треба да се вратат“, вели Абас.

Корупција и мафија

Кога еден ден отишле да запишат група ромски деца во училиште, шефот на регионалниот инспекторат им рекол дека тие деца веќе се водат како запишани во училиштето. Ромите се сосема свесни за ова, но многумина во Бугарија ги затвораат очите, раскажува Абас.

Според Германецот, корупцијата царува во бугарската локална власт, и тоа е една од најголемите пречки за интеграција на Ромите.

„За да протуркате некој проект за подобрување на состојбата на Ромите мора да им платите на ’вистинските луѓе’ во општината Варна. И мене ме насочуваа кон нив. Нема никаква улога што ќе им кажам за смислата и користа од проектот. Тие бараат две третини од целата сума која ќе биде одобрена“, тврди Абас.

NGO Light in the darkness Frank Abbas
Франк Абас се навикна на животот со РомитеФотографија: Light in the darkness

Неговата организација не сакала да учествува во ваквата коруптивна пракса на властите и се откажала од проектите. Во 2006-та година Абас ја основал верската евнагелистичка организација „Светло во темнината“ која е посветена на работа со ромските деца.

Абас е шокиран и од случувањата со Ромите кои се почесто се населуваат во западно-европските градови. Тој вели дека голем дел од жените во Германија се третираат како сексуални робови и се користат за проституција. Ваквиот „бизнис“, вели тој, е дело на организиран криминал. Единственото решение, според Абас, е со правни средства да се спречи преселбата на Ромите во Западна Европа, односно да и се застане на патот на ромската мафија.

Автор: Николај Цеков/Б. Георгиевски

Редактор: Ж. Ацеска