1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германец е „Исламска личност на годината“

18 октомври 2009

Конвертитот и поранешен германски амбасадор, Вилфрид Мурад Хофман неодамна беше избран за „Исламска личност на годината“. Високото признание од Дубаи спаѓа во најважните во исламскиот свет, дотирано со 180 илјади евра.

https://p.dw.com/p/K6oB
Вилфрид Мурад Хофман

Досегашни нисители на наградата биле познати имиња, меѓу нив и поранешниот босански претседател Алија Изетбеговиќ.

На германскиот конвертит Вилфрид Мурад Хофман наградата во септември му ја врачи премиерот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед Бин Рашид ал Мактум, како што беше соопштено, за неговото животно дело, особено за неговите текстови за исламот. На прашањето зошто го добил признанието, 78 годишниот поранешен дипломат вели:

„Не знам како изборот паднал врз мене. Знам само дека постоеше желба да се даде знак, да се претстават муслиманите на запад, така што можеше да дојде предвид било кој муслиман од Европа или Америка. Ова е признание за она што го направија муслиманите во Западна Европа.“

Вилфрид Мурад Хофман, кој конвертираше во 1980 година, спаѓа во најпознатите муслимани во Германија и прв одликуван со високото признание.

Некои од печатените медиуми во Дубаи на наградата на Германецот делумно и‘ дадоа поголемо значење, отколку на посетата на Барак Обама.

Дипломат и филозоф

Dubai Jebel Ali Marina
ДубаиФотографија: picture alliance/Rainer Hackenberg

Хофман е роден во Ашафенебург, студирал право во Минхен и американско право на Харвард во Кембриџ. Подоцна, од 1961 до 1994 година, работеше како дипломат, меѓу другото и како директор за информации во НАТО во Брисел и потоа како германски амбасадор во Алжир и Мароко.

Мохамед Аман Хобом, долгогодишен пријател, и самиот конвертит, придонесот на Хофман го гледа во неговиот посебен начин на доближување до исламот, во неговата преокупација со филозофијата:

„Тој студираше филозофија, затоа таа посебно му лежи, што се забележува и по неговите текстови. ’Филозофски пат кон исламот’ беше неговото прво објавено дело.“

Хофман е познат по големиот број дела за исламската религија и безбројните излагања за исламски теми во Западна Европа, САД и исламскиот свет. Како особено значајна се истакнува неговата соработка во преводот на Коранот во Германија, кој излезе од печат во 1998 година.

Признание за европските муслимани

Фактот што во Дубаи вторпат е одликуван Европеец, а првпат конвертит, во Централниот совет на муслиманите во Германија го сметаат за сигнал и признание за животниот придонес на муслиманите од немуслиманските земји и конвертитите.

„Многу се политизира околу личноста и околу делото, но всушност, според неговото битие, неговиот поглед на свет и заслугите, посебно според неговите текстови, се работи за естет. Тој се обидува да ги најде заедничките позиции на исламот и западот, било на тема демократија, човекови или права на жената. Во неговите книги се насетува барањето преклопувања, истакнува Аиман Мациек од Централниот совет на муслиманите.

Portrait Aiman A. Mazyek
Аиман МациекФотографија: DW/Luna Bolivar

И покрај неговиот висок углед во исламскиот свет, Вилфрид Мурад Хофман е и спорна личност. Самото негово објавување, во 1980 година, како висок дипломат во германското министерство за надворешни работи, дека преминува во ислам, беше провокација. Во неговата книга, објавена во 1992 година, „Исламот како алтернатива“, Хофман го опишува, според него, дегенеративниот западен животен стил, со што не собра само ловорики:

„Тој со толку силна рационалност и делумно демаскирачки, што го запира здивот, ги сецира слабостите и застранувањата на нашиот систем. Но, не со намера да се претстави како надмоќен, туку од позиција на набљудувач кој констатира: може да биде и подобро“, вели Мациек.

Наградата „Исламска личност на годината “ е дотирана со 180 илјади евра. Мурад Хофман најави дел од неа да отстапи на Централниот совет на муслиманите во Германија, заради формирање фондација за поддршка на исламот.

Автор: Улрике Хумел/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев